• понеделник, 23 декември 2024

ЦИВИЛ одржа дискусија „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“

ЦИВИЛ одржа дискусија „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Центарот за слобода - ЦИВИЛ денеска одржа онлајн панел-дискусија „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“ на која повеќе активистки зборуваа за еднаквоста на жените. Савка Тодоровска, претседателката на Сојузот на жени на Македонија, на дискусијата посочи на состојбата на жените во неколку сегменти како што се политиката и земјоделството, за кои рече дека е неопходно подобрување. - Ние мораме да ја согледаме реалната слика, да се заложиме сите кон менување на оваа состојба, а од институциите на државата да бараме, затоа што сите сме задоволни во поставувањето на закони и подзаконски акти, елиминирање на секаков вид насилство, но, дали, сето тоа е во функција и фактичка состојба во нашето општество, не, и тука мораме да работиме сите заедно. Според неа, најголемата пречка без оглед на тоа на кое ниво е нееднаквоста помеѓу жените и мажите, е стереотипите за местото и улогата на жената од семејството до општеството и решението за истата е надминување на стереотипната улога на жените во сите позиции. Дороти Пачкова, претседателка на „Една може“ посочи дека положбата на жената, поточно самохраната мајка, е незавидна. - Положбата е, за жал, незавидна и после сите овие шест официјални години за „Една може“. Можам да кажам дека влијанието го гледаме токму во менување на јавната свест и во перцепцијата на самохраните родители. Ако во нашите почетоци бевме условувани како канцер на општеството и бевме опасни по живот, дури и многу често ни посочуваа да си седиме дома да си молчиме и да веднеме глава, денеска ја имаме поддршката од сите медиуми и на некој начин дури и ја „хероизираат“ улогата на самохрана мајка, што мислам дека не е позиција за хероизирање на долги стази, но, затоа, како позитивна дискриминација е супер отскок од позицијата на маргините на која се наоѓаат огромен број на самохрани мајки, сподели таа. Мерсиха Смаиловиќ, хуманитарна работничка и активистка посочи дека она што недостасува во Македонија е меѓународниот аспект. - Солидарноста каде што ќе излеземе од границите на нашата држава и од границите на тоа која жена заслужува да биде заштитена и заслужува да ѝ бидат дадени вниманието и правата, рече таа, посочувајќи дека во борбата треба да бидат вклучени сите жени. На панел-дискусијата, свое обраќање имаше и Тамила Велковска, од Здружението на Украинците во Македонија, која зборуваше за положбата на украинските жени. ар/ац/

Остани поврзан