• петок, 13 декември 2024

ЦГК: Во општините има застарени ГУП-ови, често се менуваат ДУП-овите и има голем број дивоградби

ЦГК: Во општините има застарени ГУП-ови, често се менуваат ДУП-овите и има голем број дивоградби

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Доминантен дел од општините имаат генерални урбанистички планови (ГУП) чија формална важност е истечена. За разлика од застарените ГУП-ови, во општините што беа предмет на ова истражување, за пет години се донесени многу ДУП-ови и направени се многу нивни измени, покажуваат резултатите од истражувањето „Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби“ што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Резултатите од истражувањето покажуват дека наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Ненавременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот.

-Дури три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или правни лица, што значи дека е воспоставена пракса – планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор. Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините, во определени случаи, може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден воедначен третман на барателите, се вели во денешното сооштение од Центарот за граѓански комуникации во врска со истражувањето.

Тока покажало и дека барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова, според Центарот, недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата.

-Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор. Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба, велат од Центарот за гражански комуникации.

Според истражувањето, пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина општини не е назначен раководител на организациската единица надлежна за урбанизам. Ова, велат од Центтарот, значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица.

Истражувањето е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година. сст/са/

Фото: Центар за граѓански комуникации

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан