Центарот за граѓански комуникации и Лила Милиќ ја добија наградата „Мето Јовановски“
- Здружението на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ во Скопје и активистот Лила Милиќ денеска ја добија државата награда „Мето Јовановски“ за оваа година, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Здружението на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ во Скопје и активистот Лила Милиќ денеска ја добија државата награда „Мето Јовановски“ за оваа година, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Претседателот на „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ Герман Филков во своето обраќање денеска по повод врачување на наградата посочи дека оваа награда претставува поттик за натамошна транспарентост и уште полесен пристап на граѓаните до информациите, кои им овозможуваат да учествуваат во создавањето политики, во носењето одлуки, од кои натаму зависи квалитетот на животот, за добивање квалитетни јавни услуги, за начинот на трошење на нивните пари, за барање на одговорност и отчетност од иснтитуциите.
-Зборувајќи за „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ сакам да истакнам дека оваа награда има неколкукратнио значење секако за нас, но тоа што е поважно, за цело општество. Најмногу затоа што се афирмира правото на пристап до информации, едно од основните човекови права пруизнаено во меѓународните повелби, декларации и документи и секако во нашиот Устав. Право, кое е предуслов и овозможува понатаму оставрување и на многу други човекови права, рече Филков.
Во отуство на Лила Милиќ, денеска подносителот на иницијативата Славчо Димитров, ја прими наградата во нејзино име.
Тој, читајќи го нејзиното обраќање, подвлече дека за првпат во државата трансродово лице добива вакво високо признание. Оваа награда, како што рече, е порака дека правдата, еднаквоста и инклузивноста се можни.
-Оваа награда „Мето Јовановски“ не е само потврда за мојата посветеност, туку и за храброста и истрајноста на целата трансродова заедница. Како трансродова личност и активистка со 16 годишно искуство, а последните девет години со посветеност на правата на трансродовите лица, оваа борба не ја гледам само како колективна. Таа е и моја лична борба. Ми претстаува гордост што можев да придонесам кон создавање простор за дијалог, видливост и поддршка, бидејќи верувам дека секоја приказна носи промена, рече Димитров.
Наградата се доделува секоја година на 10 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права. бт/нд/
Фото: МИА