• среда, 27 ноември 2024

Цените на становите во Скопје со раст од 11 проценти во третиот квартал

Цените на становите во Скопје со раст од 11 проценти во третиот квартал

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Цените на становите во Скопје во третиот квартал годинава бележат раст од 2,9 проценти во однос на претходниот квартал, а на годишно ниво од 11 проценти, објави денеска Народната банка.  

Во првиот квартал годинава цените на становите  забалежаа раст од 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, а во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто. 

Во првиот квартал лани недвижностите поскапеа за 12,4 отсто  на годишно ниво, по што следеше раст, од 16,6 отсто во вториот квартал, од 21,2 отсто во третиот и од 20,6 проценти во четвртиот квартал. 

Претседателката на Групацијата за недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија Лилјана Ковачева, преходно во изјава за МИА оцени дека кај цените на недвижностите во последните месеци се бележи стабилизација и ќе нема промени подолг период.    

- На крајот на минатата година по завршувањето на Ковид кризата на пазарот на недвижности значително се зголеми побарувањето. Истовремено, како резултат на воениот судир во Украина и енергетската криза значително се зголемија цените на градежите материјали, што доведе до зголемување на цените на новите градби, а зголемената побарувачка на пазарот доведе до тоа зголемените цени пазарно да се прифатат.  Сепак, според мое мислење, продавачите ги зголемија цените повеќе од што пазарот може да прифати и поради тоа, по првото тримесечје настана извесен застој со мала корекција на цените во правец на нивно намалување. Според мене, она што се случува во последните неколку месеци е всушност стабилизација на цените на одредено ниво и престанок на растот што беше забележлив пред тоа и моето мислење е дака подолг период во иднина нема да има промени во цените, изјави Ковачева.   

Народната банка го подготвува индексот на цените на становите за територијата на Скопје, врз основа на податоци кои се однесуваат на огласите за продажба објавени од агенциите коишто се занимаваат со промет со недвижности. лв/ац/

фото: МИА, принтскрин

 

Остани поврзан