• понеделник, 23 декември 2024

ЦГК објави база на податоци за јавните набавки на општините во 2020 година

ЦГК објави база на податоци за јавните набавки на општините во 2020 година
Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) - Општините и Градот Скопје минатата година склучиле 3.454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу осум милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година, покажува Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година, на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина. - Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра, се вели во анализата на ЦГК. Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно. - Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 отсто од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра, покажува анализата на ЦГК. Кај фирмите, според ЦГК, најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките. Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Таа содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Оваа база на податоци се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. аа/сп/

Остани поврзан