• сабота, 23 ноември 2024

Царовска: Хибридниот модел на настава досега покажа одлични резултати, заштитувајќи го здравјето на учениците и наставниците

Царовска: Хибридниот модел на настава досега покажа одлични резултати, заштитувајќи го здравјето на учениците и наставниците
Скопје, 9 март 2021 (МИА) – Ние сме во постојана координација со Комисијата за заразни болести преку Министерството за здравство и токму затоа што се динамични бројките, одлучивме второто полугодие да започне на ист начин како што заврши првото, истакна министерката за образование Мила Царовска. Во вечерашното гостување на Топ Тема на телевизија Телма, Царовска посочи дека остануваат на истиот став, поради варијација на бројот на позитивни ученици во училиштата, кои посетуваат настава со физичко присуство. Таа додаде дека состојбата е стабилна и се следи на дневно ниво, а доколку има промени во состојбата со бројките за тоа ќе го известат Министерството за здравство. На прашањето дали остануваат да важат истите мерки што досега се применувале, односно изолација на учениците кои имале контакт со позитивен наставник и обратно, министерката истакна дека мерките остануваат исти и ќе се применуваат исти протоколи за заштита  и спречување на ширење на вирусот. -Ние добиваме извештај на ниво на општини, односно дека на територија на државата имаме десет нови ученици и пет нови наставници позитивни на коронавирусот, што укажува дека нема тенденција на интензивно заразување во некое училиште и дека бројките се навистина ниски на ниво на образовниот систем и се надеваме дека ќе останат и во наредниот период, посочи Царовска. Таа додаде дека хибридниот модел на настава досега покажа одлични резултати, обезбедувајќи  континуитет на наставата и притоа го заштити здравјето на учениците и наставниците. На прашањето како ќе се одвива полагањето на матурата, Царовска истакна дека протоколите што ќе бидат спроведени на денот на матурата ќе бидат усогласени со Комисијата за заразни болести и Матурскиот одбор. -Во моментов тие се подготвуваат за целата таа операција, што секако се одвива на помал број на ученици од оние што треба да го пополнат училиштето од прва до четврта година. Сите простории во училиштата ќе бидат ставени на располагање за матурата и сигурна сум дека заедно со Комисијата ќе утврдат соодветен протокол што нема да го донесе во ризик здравјето на учениците, посочи министерката. Царовска истакна дека не се откажа од ставот да се полага матура, поради тоа што доколку матурата беше укината оваа година, учениците од прва, втора и трета година од средното образование ќе ги имаат истите барања, а целиот процес на воведување на матура е тежок и значаен за образованието во државата. -Морам да истакнам дека оваа концепција за основно образование, што е дел од националната стратегија за развој на образование и од Законот за основно образование никако не е поврзана со надворешните политички прашања на нашата држава. Изместување на фокусот на тоа што значи нов квалитет во образование, некој сакаше со лажна вест  да направи слика дека се укинува историја. Ние бевме во период на консултација со директори, наставници и свесно и јавно достапна ја оставивме Јутјуб презентацијата, на која кажавме дека ништо не се укинува, напротив се воведува интеграција што е добро познат концепт во светот, а се споведува и во нашите јавни и приватни училишта. Но, со тој обид мислам дека јавноста ја залепи концепцијата со едно надворешно политичко прашање, што е целосна невистина и неколку пати демантиравме, а на тоа се надоврзаа и други дискусии на групи заинтересирани заради поместување на комфорот. Секоја промена што е суштинска, секоја промена што треба да предизвика подобри резултати, секако не очекувам да биде пречекана со широки раце од луѓето кои треба да ја претрпат таа промена, истакна Царовска на прашањето дали воведувањето на новата концепција за основно образование е поврзан со надворешните политички прашања со Бугарија. Во однос на тоа како ќе се одвива обуката на наставниците за новиот концепт на образование, министерката истакна дека искусни обучувачи во соработка со искусни наставници ќе имаат обука со која ќе го пренесат новиот концепт на образование. Сега обука ќе имаат околу 3.000 наставници од прво до четврто одделение, додека за наредните одделенија обуката ќе биде спроведена во текот на следната учебна година. ки/дма/

Остани поврзан