• недела, 22 декември 2024

Царовска: Успешно започна полагањето на државната матура

Царовска: Успешно започна полагањето на државната матура
Скопје, 5 јуни 2021 (МИА) - Министерката за образование и наука Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска денеска го посетија СУГС „Никола Карев“ – Скопје, по повод отпочнување на процесот на полагање државна матура во учебната 2020/2021 година. Царовска истакна дека денеска е значаен ден како како за матурантите така и за образовниот систем и оти како држава покажавме дека можеме да имаме образование кое што во континуитет се одвива целата учебна година и во време на пандемија. -Исто така, покажавме дека знаеме и можеме безбедно да спроведеме матурски испити, што укажува дека се одржуваме во стандардите коишто се дел од европските и земјите што се развиени. Матурата е значаен чин заради тоа што тоа е на некој начин заокружување на еден степен на образование. Токму затоа денеска им посакувам среќа и многу знаење на сите матуранти денеска успешно да го завршат првиот задолжителен испит и многу среќа на вториот испит којшто е исто така екстерен, секако и на интерните испити, рече Царовска. На овој начин, додаде Царовска, тие ќе направат заокружување на своето образование и ќе имаат можност да изберат понатаму каде ќе го продолжат високото образование или можеби дел од нив ќе одлучат да се вклучат на пазарот на труд. -Јас укажувам дека е значајно тие согласно својата волја го продолжат образованието, своите знаења, афинитети, но да ги разгледаат и сите оние можности коишто ги нуди нашата државата понатаму за нивен развој и напредок, рече министерката Царовска.   Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека согласно концепцијата за матура и завршен испит за средното образование од четиригодишно траење денеска почнува полагање на матурата кое ќе трае во наредниот период. -Се полагаат согласно договореното со Сојузот на средношколци, и два екстерни предмети. Оваа година за матура се пријавени 15.294 матуранти, од нив 7.050 од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 ученик од средните уметнички училишта. Матурата по мајчин јазик ја полагаат денес, односно 10.848 кандидати полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература денес полагаат 4.078 матуранти, а 272 полагаат турски јазик и литература, нагласи таа.   Следниот петок, на 11 јуни, додаде Наумовска ќе се полага англиски јазик, германски јазик, француски јазик, руски јазик, математика, естетика и филозофија.   -Материјалот навремено беше денес дистрибуиран. Информации од теренот велат дека сите ученици се присутни, нема никакви попречувања или одлагања, навремено е почнат процесот на полагање на матура, навремено беа доставени материјалите без некои поголеми технички проблеми. Веќе е матурата во тек, истакна Наумовска.   Процесот, додаде таа, денеска го набљудуваат 2.000 тестатори, тоа се наставници, професори од другите средни училишта сместени во училниците каде што се ученици сместени согласно протоколот за спроведување на матура во средните училишта во услови на корона и околу 300 набљудувачи претставници од МОН, Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар како организатор на матурата. Исто така се сместени во училиштата и набљудуваат како ќе тече полагањето на матурата.   Директорот на гимназијата Андреј Манолев рече дека во „Никола Карев“ денеска полагаат 276 ученика кои се распоредени во 23 простории, а во секоја просторија има 12 ученика.   -Сакам да истакнам дека при подготовката за државната матура во нашето училиште беа запазени сите протоколи кои беа препорачани од страна на МОН, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, додаде тој. нд/ац/

Остани поврзан