• понеделник, 23 декември 2024

Хукстра: Мораме да ги оствариме климатските цели - планетата нема време за губење 

Хукстра: Мораме да ги оствариме климатските цели - планетата нема време за губење 

Брисел, 22 ноември 2023 (МИА) - Остварувањето на климатските амбиции што ги постави Европска Унија изгледа прилично комплицирано ако се погледнат различните позиции и интереси што ги имаат одредени земји или групи на земји, оценува еврокомесарот за климатска политика Вопке Хукстра во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА. 

- Ако само ја погледнете позицијата на Кинезите, на земјите производители на нафта, на државите во Европа, на нашите пријатели од Африканската Унија, од Латинска Америка, на малите островски земји, ќе видите многу различни позиции, врз кои ќе беше тешко да се постигне успех и во понормални околности. Но, ако потоа погледнете што се случи со светот во последните да речеме, пет, шест, седум години, работите станаа уште потешки поради геополитиката - ужасната војна што ја водат Русите во Украина, сите тензии на Блискиот Исток и тензиите во Индо-Пацификот, вели Хукстра. 

Според него, парадоксално е што и во ваква ситуација, иако е многу тешко, неопходно е да се дојде до резултати, бидејќи планетата Земја нема време за губење. 

- Апсолутно нема алтернатива освен да продолжиме на патеката на која се наоѓаме за остварување на амбициите, додава еврокомесарот. 

Тој потсетува дека ако се погледнат бројките, Европа во моментов е одговорна за само седум проценти од глобалните емисии на штетни гасови, а 93 отсто доаѓаат надвор од европскиот континент, па затоа ако не се најде решение климатски промени ќе има не само во другите делови на светот, туку исто така и на европско тло. 

Според него, при спроведувањето на климатската транзиција, ЕУ мора да преземе мерки за заштита на семејствата со мали и средби приходи, но и на големите корпорации.  

- Таквата транзиција може да успее само ако имаме многу широк консензус и поддршка од нашето население. Но, и ние мораме да се погрижиме луѓето да видат дека ова е иднина од која што ќе имаат корист, додава Хукстра. 

Еврокомесарот потенцира дека ЕУ е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста, но тоа мора да го направат и другите, како што е Кина која е втора по големина економија во светот. 

- Со сето тоа богатство и со сета таа економска моќ, доаѓа и одговорноста, вели Хукстра, потенцирајќи дека малите островски држави во развој и земјите во Африка иако не се одговорни за климатските промени, сепак се соочуваат со нивните последици, како што се суши, поплави и поројни дождови. 

Според него, сите треба да направат повеќе во намалување на емисиите на штетни гасови и во постепено намалување на употребата на фосилните горива, пред се на јагленот кој предизвикува најголеми штети. 

- Ова не е ресторан каде што можете да изберете само една работа без другите елементи, тоа едноставно не е можно, вели Хукстра во интервјуто за ЕНР. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан