• четврток, 15 јануари 2026

Хрнчирова: ЕК целосно ги разбира луѓето кои сакаат да ја подигнат свеста за проблемот со хуманитарната помош за Газа 

Хрнчирова: ЕК целосно ги разбира луѓето кои сакаат да ја подигнат свеста за проблемот со хуманитарната помош за Газа 

Брисел, 2 октомври 2025 (МИА) - ЕУ многу внимателно ги следи случувањата во Медитеранот и движењето на флотилата со хуманитарна помош за Газа и ја почитува хуманитарната посветеност на сите што се наоѓаат на бродовите, истакна денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и еднаквост Ева Хрнчирова. 

Изјавата на Хрнчирова беше одговор на прашање за ставот на ЕУ за вчерашното пресретнување на израелските безбедносни сили на флотилата од бродови што плови кон Газа, во време кога, како што тврдат организаторите на конвојот, тие се наоѓале во меѓународни територијални води.  

- Целосно ги разбираме овие луѓе кои сакаат да ја подигнат свеста за многу важна тема - за проблемот со доставувањето хуманитарна помош во Газа, бидејќи нашата Унија се базира на нашите вредности, а клучен столб на тие вредности е активизмот. Но, пред се треба да се почитува меѓународното хуманитарно право, како и меѓународното поморско право и правото за пловидба во меѓународните води, рече Хрнчирова.  

Таа додаде дека ЕК веќе порача оти ги осудува сите напади врз флотилата, вклучително и со дронови, како и какви било заплени на овие бродови. 

- Ги поддржуваме овие луѓе затоа што тие во основа имаат иста цел како и ние. Сакаме што е можно поскоро да доставиме доволно помош во Газа за да се запре страдањето на луѓето, истакна Хрнчирова. 

Според неа, ЕУ „ги препознава“ предизвиците во доставувањето хуманитарна помош во Газа и е во постојан контакт со Израел и повикува да се овозможи нејзина испорака и непрекинат пристап до Појасот.  

- Европската комисија нема воени средства, ниту можност за испраќање бродови во Медитеранот за заштита на флотилата и на овие луѓе на практичен начин, додаде Хрнчирова. 

Таа нагласи дека заштитата на лицата што патуваа со флотилата, кога станува збор за конзуларна заштита, е во надлежност на нивните матични земји. 

- Гледаме дека некои земји членки се во контакт со Израел и веќе упатија апел до Израел да ги заштити луѓето на бродовите. Ние не сме добиле никакво барање за помош и не сме во контакт со учесниците во флотилата, додаде Хрнчирова. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан