Христодулидис и Татар разговарале за можноста за отворање нови премини, во следните денови ќе одржат нова средба
- Двајцата лидери веруваат дека отворањето нови премини е од клучно значење за промовирање на контактите меѓу луѓето, зајакнување на економските врски и градење доверба, пишува во заедничкото соопштение објавено од Обединетите нации за денешната средба на лидерите на кипарските Турци и кипарските Грци, Ерсин Татар и Никос Христодулидис, под покровителство на специјалниот претставник и заменик-специјален советник на генералниот секретар на ОН за Кипар Колин Стјуарт, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 20 јануари 2025 (МИА) – Двајцата лидери веруваат дека отворањето нови премини е од клучно значење за промовирање на контактите меѓу луѓето, зајакнување на економските врски и градење доверба, пишува во заедничкото соопштение објавено од Обединетите нации за денешната средба на лидерите на кипарските Турци и кипарските Грци, Ерсин Татар и Никос Христодулидис, под покровителство на специјалниот претставник и заменик-специјален советник на генералниот секретар на ОН за Кипар Колин Стјуарт, јави дописничката на МИА од Атина.
Главната тема на денешната средба, што е во продолжение на неформалната вечера на 15 октомври 2024 година организирана од генералниот секретар со двајцата лидери во Њујорк, беше истражување на можноста за отворање нови премини.
- Убедени дека отворањето на нови премини ќе придонесе и за создавање погодна клима пред неформалниот состанок во поширок формат, тие му наложија на нивниот преговарач и специјален претставник да продолжат со дискусиите и одлучија повторно да се сретнат во наредните денови, пишува во заедничкото соопштение.
Дополнително, искористувајќи ја денешната средба двајцата лидери разговарале и за други идеи.
Кипарскиот претседател по средбата рече дека доставил „пакет од осум точки, осум карактеристики, кои се однесуваат на премините и други идеи“ за кои разговарал и со генералниот секретар на ОН во Њујорк од кого добил позитивен одговор.
- Татар одговори дека не е во позиција денеска да донесе одлуки. Бев подготвен, доколку имаше позитивен одговор, да ги објавам сите осум точки од пакетот. Точки кои се меѓусебно поврзани и не постои избор, односно да се избере една од осумте и да продолжуваме понатаму, објасни Христодулидис и додаде дека неговиот соговорник побарал време. ср/сд/