• сабота, 23 ноември 2024

Хрватската музичка дива Сара Ренар на ПМГ Рекордингс фестивал

Хрватската музичка дива Сара Ренар на ПМГ Рекордингс фестивал

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Актуелни и високо-квалитетни домашни и странски имиња од сферата на електронската, поп, рок и џез музиката, ќе понуди ПМГ Рекордингс фестивалот што ќе се одржува денеска и на 14 октомври.

На денешната прва фестивалска вечер специјален гостин е хрватската музичка дива Сара Ренар, која го носи статусот на една од најдобрите и најхрабрите пејачки-текстописци од новата генерација на Балканот. Нејзиниот музички стил може да се опише како експериментален поп, со суптилни мелодии на електронски и театарски елементи. Зад себе има пет студиски албуми, повеќе регионални награди, и близу илјада концерти во живо. Нејзините најнови настапи се опишани како експлозивна електро-панк забава.

Од домашната сцена се најавени ПМГ Колектив орекстар и Сетстат.

Концертниот дел од програмата завршува со настапот на Александар Велики (Александар Гавровски).

Програмата по полноќ носи дел од електронската музичка сцена со настапи на добро познатите ПМГ диџеи Мирко Попов, Илина Ангеловска и Виолета Качакова.

Втората фестивалска вечер е закажана за 14 октомври, каде на сцената на Младинскиот културен центар во дансинг салата, во живо ќе настапи светски познатиот музичар и инструменталист Метју Џонсон од Канада. Се работи за водечко име на електронската музичка сцена, човек кој со децении владее на светските подиуми и врвни музички фестивали. Со него сцената ќе ја поделат звучни имиња од македонската електронска и поп музичка сцена, како Young Dadi, 5R+Domchuga, Горан Кан, Андреја Салпе и Вански.

ПМГ Рекордингс фестивалот е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, со речиси 300 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении. 

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија. мч/лв/

 

 

 

Тагови

Остани поврзан