• сабота, 23 ноември 2024

Хоти: Договорот со Белград е првиот чекор кон конечен договор

Хоти: Договорот со Белград е првиот чекор кон конечен договор
Вашингтон, 4 септември 2020 (МИА) - Косовскиот премиер Авдулах Хоти, по потпишувањето на  договорот со Белград за економска соработка во Вашингтон, изјави дека за него тоа е првиот чекор кон конечен договор. - Мислам дека е голем ден, многу важен за Косово и регионот. Овој договор се однесува на нормализирање на економските односи меѓу двете земји и поддршка на големи инфраструктурни проекти кои подобро ги поврзуваат двете економии, што создава подобар пристап до регионот и Европа, изјави Хоти за Гласот на Америка. Тој рече дека овој договор не е конечен меѓу Косово и Србија. - Тоа е договор за економска соработка за нормализирање на економските односи меѓу земјите, но јас го гледам тоа и сите заедно го гледаме како голем чекор во приближувањето кон конечниот договор, кој ќе значи и меѓусебно признавање, рече Хоти. Тој додаде дека со нетрпение очекува Израел да го признае едностраното прогласување на независност на Косово, проследено со воспоставување дипломатски односи и економска соработка. - Верувам дека ова е многу големо достигнување со помош на Соединетите држави“, рече тој. Косовскиот премиер додаде дека разговорите ќе продолжат во понеделник во Брисел, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ. Хоти исто така рече дека телефонски. во присуство на Трамп, разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и додаде дека „сите добри работи секогаш доаѓаат од Белата куќа“. паг/  

Остани поврзан