Хоспитализирана претседателката на Движење на промена, се повлекува од трката за лидер на грчката партијата
- Претседателката на централно левичарската грчка партија Движење на промена (КИНАЛ) Фофи Генимата, е хоспитализирана во атинска болница и од здравствени причини се повлекува од трката за избор
Атина, 13 октомври 2021 (МИА) – Претседателката на централно левичарската грчка партија Движење на промена (КИНАЛ) Фофи Генимата, е хоспитализирана во атинска болница и од здравствени причини се повлекува од трката за избор на лидер на партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во 2008 година на Генимата ѝ беше дијагностициран рак на дојка и успешно се избори со болеста, а сегашните здравствени проблеми, според соопштението од болницата во која е хоспитализирана „се должат на повторување на нејзината основна болест“.
Претседателката на КИНАЛ, поранешно ПАСОК, преку „Фејсбук“, соопшти дека се повлекува од изборниот процес во партијата, што е закажан за 5 декември.
-Влошувањето на мојата здравствена состојба, кое бара хоспитализација и лекување, ме обврзува да не учествувам како кандидат во изборниот процес за избор на претседател на Движењето на промени. Како претседател до изборот на новото раководство, но и како пратеник потоа, мој приоритет останува единството и перспективата на партијата, напиша Генимата.
Сите политички сили во Грција, изразија поддршка за 57- годишната Генимата и ѝ посакаа брзо закрепнување и повторно да излезе победник во тешката битка, а според грчките медиуми, утрово во атинската болница ја посетил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. ср/сд/