• среда, 25 декември 2024

Холандски гинеколог неетички оплодил 21 пациентка

Холандски гинеколог неетички оплодил 21 пациентка
Амстердам, 3 февруари 2022 (МИА) - Гинеколог од Холандија, за време на лекување неплодност, а користејќи ја сопствената сперма, зачнал најмалку 21 дете, покажа нова истрага. Џос Бек работел во болницата „Елизабет“ во Лејдердорп, сега дел од болницата „Алријне“, меѓу 1973 и 1998 година. Тој почина 2019 година. Двојките што ги лекувал Бек верувале дека тој користи сперма од анонимни донори. Од болницата изјавија дека не веруваат дека докторот на некој од нив му ја кажал вистината. Скандалот беше откриен откако организација која трага по биолошки родители на засегнатите, открила совпаѓања меѓу Бек и ДНК-та на 21 дете на пациентки, зачнати меѓу 1973 и 1986 година. Бек е третиот лекар за неплодност во Холандија за кој е откриено дека користел сопствена сперма при лекувањето неплодност, пишува „Гардијан“. Претходни истраги покажаа дека гинекологот Јан Вајлдшут е биолошки татко на 17 деца, а д-р Јан Карбат зачнал 49 деца. „Сакаме да нагласиме дека ситуацијата сега е сосема поинаква. Ние ги користиме националните протоколи и работиме според конзистентни и соодветни принципи. Ревизиите редовно ја контролираат нашата работа“, се додава во соопштението на болницата. Според законот што стапи во сила 2004 година, луѓето во Холандија имаат право да го знаат идентитетот на нивните биолошки родители, по наполнети 16 години.  си/сд/

Остани поврзан