• понеделник, 16 декември 2024

Холандскиот „брод на смртта“ - една од најголемите поморски мистерии

Холандскиот „брод на смртта“ - една од најголемите поморски мистерии

Џакарта, 5 декември 2024 (МИА) - Мистериозните приказни отсекогаш го привлекувале вниманието на луѓето. А, човековата фасцинација со непознатото честопати резултира со приказни што со текот на времето се збогатени со дополнителна драма. Таква е судбината на холандскиот брод „СС Уранг Медан“ (SS Ourang Medan) од 1940-тите.

Приказната на преживеаниот

Имено, додека бродот пловел во водите околу Индонезија, се случила несреќа. Името на бродот е изведено од малајскиот збор „оurang“, што значи „човек“, и Медан - град на Суматра. Според приказната, судбината на бродот и неговиот екипаж прв ја опишал италијански мисионер кој наводно ја слушнал од еден преживеан морнар... Тој морнар успеал да доплива до атол на Маршалските Острови, но набргу потоа починал. Мисионерот потоа му ја раскажал приказната на Силвио Шерли од Трст.

Морнарот тврдел дека бродот превезува опасен товар - сулфурна киселина, позната како „витриол“. Лошото складирање на овој хемиски материјал довел до создавање отровни гасови, коишто го убиле целиот екипаж. Бродот пловел од непознато кинеско пристаниште кон Костарика, избегнувајќи официјални контроли поради нелегалниот товар. Во некои верзии на приказната не се споменува опасниот товар.

Како што оди легендата потоа, бродовите во близина добиле вознемирувачка радиопорака со Морзеова шифра: „Сите офицери, вклучително и капетанот, се мртви. Тие лежат на палубата и на мостот. Целата посада е веројатно мртва... И јас умирам“.

На местото на несреќата прв пристигнал американскиот трговски брод „Силвер стар“. Таму спасувачите нашле празен брод полн со мртви тела, вклучувајќи го и бродското куче - териер. Телата на посадата немале физички повреди, но страотните изрази на лицето посочувале смрт во страшна агонија. Бродот ненадејно се запалил, поради што Американците биле принудени да се оддалечат. На крајот, „СС Уранг Медан“ експлодирал и потонал, носејќи ги тајните во морската длабочина со себе.

Во што е мистеријата?

Приказната за холандскиот брод е полна со драма, но недостатокот на конкретни докази предизвикува сомнежи. Некои веруваат дека бродот превезувал лошо складирани хемикалии, но други говорат дека инцидентот е поврзан со озлогласената јапонска „Единица 731“. 

На крајот, оваа приказна останува мистерија на којашто треба да се гледа со критичко разгледување. Само едно е јасно: Приказните како оваа ги фасцинираат луѓето и ја поттикнуваат нивната мечта и фантазија, без обѕир дали се деталите се вистина или само производ на човековата склоност кон мистериозното.  си/ссм/

Фото: Википедија

Остани поврзан