• сабота, 23 ноември 2024

Хернандес победник на 35. Охридски пливачки маратон (ДПЛ)

Хернандес победник на 35. Охридски пливачки маратон (ДПЛ)
Охрид, 10 септември 2022 (МИА) – Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес е победник на 35. Охридски пливачки маратон што се одржа денеска на 25 километарската патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште. Во конкуренција на седуммина пливачи и една девојка второто место го освои Франческо Гетини од Италија, додека трет беше Македонецот Евгениј Поп Ацев. Хернандез, кој неколку пати има учествувано на Охридскиот пливачки маратон патеката ја преплива за 5 часа, 50 минути, 30 секунди и 5 стотинки. - Трката беше многу тешка, бидејќи водата беше студена и имаше бранови. Многу сум среќен што победив, изјави Хернандес, по пристигнувањето на целта. Второ пласираниот, италијанецот Гетини, кој по четврти пат плива на Охридскиот маратон, на 32-от беше победник, а на 33-тиот заврши на третото место, патеката ја преплива за 5 часа 54 миниути 51 секунда и 2 стотинки. - Секој пат е тешко, долга е трката. На крај имаше бранови и беше тешко. Последниот час беше стварно тежок. Задоволен сум со второто место. Водата не беше многу студена, но сепак беше. Добра трка, многу сум среќен, рече Гетини по трката. Нашиот Евгениј Поп Ацев пристигна трет на целта по 5 часа, 21 минута и 3 секунди. Тој е трикратен светски првак во маратонско пливање. Во 2015 година е првиот Македонец победник на Охридскиот маратон, а истата година е прогласен за спортист на годината и ја добива наградата „Личност на годината“. Четврт на целта пристигна Александар Илиевски (6:16:16.3), а во текот на трката двајца пливачи се откажаа. Златниот медал и паричната награда на Хернандез во името на градоначалникот Кирил Пецаков му ги врачи охридскиот пливачки херој Марко Пејчиноски. Сребрениот медал го додели претседателот на Националната пливачка федерација Горан Стојановски, а бронзата претседателот на организацискиот одбор на маратонот Ристе Јанкоски. Пливачите ги пречека претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на манифестацијата, што годинава ја организираше Општина Охрид, Националната пливачка федерација и Агенцијата на млади и спорт, додека технички организатор е клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“. сс/зс/

Остани поврзан