• петок, 22 ноември 2024

Хаџиу: Србија е рај за воените злосторници и терористи

Хаџиу: Србија е рај за воените злосторници и терористи

Приштина, 4 октомври 2023 (МИА) – Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, коментирајќи го ослободувањето на Милан Радоичиќ од страна на српски суд, изјави дека ниту една постапка на Србија не ја изненадува, бидејќи, како што рече, српската држава е „рај за воените злосторници и терористите“.

Хаџиу изјави дека Србија никогаш не ги предала воените злосторници и нема да ги предаде терористите, алудирајќи на Радоичиќ, кој откако вчера беше уапсен од властите во Белград, беше ослободен откако мина 24 часа во затвор.

- Терористичкиот напад врз Косово беше режиран, како што е докажано, од Србија и во оваа насока, секое дејство во врска со ова прашање што Србија го прави, воопшто не не изненадува. Србија никогаш не предала криминалци и нема да ги предаде ни терористите. Едноставно кажано, Србија е рај за воените злосторници и терористите кои пред десет дена извршија терористички напад на територијата на Косово, изјави Хаџиу.

Таа порача дека правосудните институции работат вредно за да го истражат вооружениот напад на 24 септември во Бањска, во Звечане, каде што загина полицискиот наредник Африм Буњаку. Меѓутоа, од причини на истрагата таа рече дека не може да даде повеќе детали.

- Наспроти една Србија која не се дистанцира од минатото, режира вооружени напади на Косово и не предава криминалци и терористи, се будноста, големата работа на косовските институции, особено на косовската полиција, истражните единици, специјалните единици, обвинителството и судот. Правосудните институции си ја вршат работата. Поради истрагата не можам да дадам детали што се случува. Само сакав да ги уверам дека институциите си ја вршат работата, рече Хаџиу.

Таа повтори дека Косово ќе бара предавање на Радоичиќ.

- Можеби ќе потрае извесно време, поради недостаток на соработка од страна Србија, но терористот Радоичиќ не може да ѝ избега на правдата, рече Хаџиу, додавајќи дека е обврска на косовските власти да распишат меѓународна потерница за поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, кој ја презеде одговорноста за нападот врз полицијата на 24 септември во Бањска.

Вишиот суд во Белград го одби денеска предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград да му одреди притвор на Радоичиќ (45), кој е осомничен за сторени кривични дела со засега неколку непознати лица, оружје и експлозивни материи и тешки прекршоци против општата безбедност.

Судот му изрече забрана на Радоичиќ да го напушти местото на живеење, со која му се забранува да ја напушта територијата на Србија без одобрение на судот и му е забрането да оди на територијата на Косово.

Судијата во претходна постапка на Вишиот суд во Белград, по сослушувањето на Радоичиќ за причините за определување притвор, го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград да определи мерка притвор поради опасност од бегство, се вели во соопштението на судот. иа/сд/

Остани поврзан