• петок, 08 ноември 2024

Харис ќе ја посети демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров

Харис ќе ја посети демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров
Вашингтон, 27 септември 2022 (МИА) - Потпретседателката на САД, Камала Харис на 29 септември, во рамките на нејзината посета на Јужна Кореја ќе ја посети демилитаризираната зона, што го дели Корејскиот Полуостров, соопшти Белата куќа.

- Американската потпретседателка ќе оддаде почит на заедничката жртва на десетици илјади американски и корејски војници, кои се бореа заедно за време на Корејската војна, што заврши со примирје и поделба на полуостровот во 1953 година, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Посетата на Харис на демилитаризираната зона може да ја налути Северна Кореја, која ја нарече претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси „најлошиот уништувач на меѓународниот мир и стабилност“ по нејзината посета на зоната во август. Пјонгјанг вчера предупреди и дека Јужна Кореја и САД ризикуваат да предизвикаат војна со започнување на првите заеднички поморски вежби во изминатите пет години во близина на Полуостровот. Харис денеска пристигна во Јапонија, каде што присуствува на официјалниот погреб на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе во присуство на стотици други странски претставници. Пред тоа таа разговараше со актуелниот јапонски премиер Фумио Кишида. Северна Кореја веќе неколку месеци тестира оружје во време кога преговорите со меѓународната заедница за нејзината нуклеарна и ракетна програма се во застој. Во мај, Пјонгјанг ја лансираше својата прва интерконтинентална балистичка ракета од 2017 година, а на почетокот на септември усвои нова доктрина според која Северна Кореја никогаш нема да се откаже од нуклеарното оружје. Јужнокорејските и американските власти со месеци предупредуваат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се подготвува да изврши нова нуклеарна проба. ми/

Остани поврзан