• сабота, 23 ноември 2024

Харис: Повиците Украина да отстапи дел од својата територија на Русија се опасни и неприфатливи

Харис: Повиците Украина да отстапи дел од својата територија на Русија се опасни и неприфатливи

Вашингтон, 27 септември 2024 (МИА) - Американската потпретседателка и кандидатка за претседател од редовите на Демократската партија, Камала Харис, на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повиците Украина да и отстапи дел од својата територија на Русија се „опасни и неприфатливи“. 

Како што јавуваат американските медиуми, нејзиниот коментар е критика на сугестиите на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џеј Ди Венс, дека Украина треба брзо да склучи договор за ставање крај на војната. 

-Тоа не се предлози за мир, туку предлози за предавање, рече Харис. 

Средбата меѓу Зеленски и Харис следеше веднаш по средбата на украинскиот лидер со претседателот Џо Бајден, кој најави дополнителни осум милијарди долари помош за Украина во форма на проектили, беспилотни летала, муниција и други испораки на оружје, вклучително и една батерија на ракетниот систем Патриот.

Бајден вети дека ќе се погрижи сите одобрени финансирања за Украина да бидат спроведени пред тој да ја напушти функцијата, додавајќи дека планира да свика состанок со другите светски лидери за време на неговата посета на Германија следниот месец, за да се фокусира на одбраната на Украина. 

-Ние стоиме крај Украина, сега и во иднина, рече Бајден за време на состанокот со Зеленски во Белата куќа, додавајќи дека „Русија нема да победи, Украина ќе победи“. 

Односот меѓу Зеленски и Трамп дополнително се влоши оваа недела, откако републиканскиот претседателски кандидат, наместо да се сретне со украинскиот претседател, го критикуваше, наведуваат американските меидуми. 

Трамп се пожали дека САД продолжуваат да даваат милијарди долари на човек кој одбива да потпише договор за завршување на војната.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан