• среда, 27 ноември 2024

Харис: На Америка и е потребен лидер кој разбира дека разликите се нашата сила

Харис: На Америка и е потребен лидер кој разбира дека разликите се нашата сила

Вашингтон, 1 август 2024 (МИА) – Американската потпретседателка и најверојатна демократска кандидатка за претседателските избори во ноември, Камала Харис, по коментарите на републиканскиот противник Доналд Трамп за нејзиното вклучување во изборната трка, изјави дека на Америка и треба лидер кој ја зборува вистината и разбира дека разликите се изворот на силата, а не поделбите.

-Тоа е стара претстава, на поделби и непочитување. На Америка и треба лидер кој не реагира со непријателство и гнев кога ќе се соочи со фактите. Потребен ни е лидер кој разбира дека нашите разлики не не делат, туку се клучен извор на нашата сила, изјави синоќа Харис во Тексас.

Трамп вчеравечер изјави дека не му е јасно дали Камала Харис е Индијка или Афроамериканка, бидејќи, како што тврди, таа првично се претставувала како „црнкиња“ и „сега ја сменила плочата“.

-Таа отсекогаш била со индиско потекло и самата го промовирала индиското наследство, а сега сака да биде позната како црнкиња. Па, не знам дали е Индијка или дали е црна. Јас ја почитувам во секој случај, но очигледно таа не, затоа што прво беше Индијка, а потоа направи пресврт и сега е црна, рече Трамп на собирот на Здружението на афроамерикански новинари, пренесе Си-Ен-Ен.

Мајката на Камала Харис била Индијка, а нејзиниот татко Јамајканец и двајцата емигрирале во САД. Харис е родена во Оукленд, Калифорнија и студирала на Универзитетот Хауард во Вашингтон. Таа е првата жена Афроамериканка и првата жена од Јужна Азија која станала потпретседателка на САД.

Нејзиниот сопруг, Даг Емхоу, изјави дека коментарите на Трамп се „полошата верзија на ужасна личност“, а прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, која е Афроамериканка, исто така ги осуди изјавите на поранешниот претседател.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан