Харви Вајнстин итно пренесен в болница
- Поранешниот продуцент, кој одлежува казна во затвор на островот Рикерс, „страда поради недостаток на соодветна медицинска нега во нехумани затворски услови“, додаде адвокатот.
Њујорк, 3 декември 2024 (МИА) - Поранешниот американски филмски продуцент и осуден сексуален престапник Харви Вајнстин е итно пренесен в болница во Њујорк, изјави неговиот адвокат синоќа.
Правникот Имран Ансари изјави дека 72-годишниот затвореник бил згрижен на „итно лекување поради алармантни наоди на крв коишто бараат итна медицинска помош“. Тој ќе остане во болница до стабилизирање на неговата состојба. Американските медиуми во октомври објавија дека на Вајнстин му бил дијагностициран рак на коскената срцевина.
Поранешниот продуцент, кој одлежува казна во затвор на островот Рикерс, „страда поради недостаток на соодветна медицинска нега во нехумани затворски услови“, додаде адвокатот.
Гласноговорникот на Вајнстин, Џуда Енгелмаер вели дека неговиот клиент „боледува од голем број болести, вклучително и леукемија“ и оти „нему му била ускратена соодветната медицинска нега што кој било во неговата здравствена состојба ја заслужува“, без разлика дали е затвореник или не.
Поради бројните обвинувања за сексуална злоупотреба на жени, Вајнстин неколку пати се појавуваше на суд, а последен пат во октомври. Тој пристигна таму во ортопедска количка во прилично лоша состојба. Во 2017 година, обвинувањата против Вајнштајн го поттикнаа женското движење „#MeToo“ против сексуалното насилно и недолично однесување.
Повеќе од 80 жени го обвинија за сексуална злоупотреба, силување или вознемирување, вклучувајќи ги и познатите глумици Анџелина Џоли, Гвинет Палтроу и Ешли Џад. Вајнстин инсистира дека сексуалните односи биле консензуални. си/
Фото: МИА архива