Харази: Иран е отворен за индиректни разговори со САД
- „Исламската Република не ги затвори сите врати. Таа е подготвена за индиректни разговори со САД за да ја процени позицијата на другата страна, да ги каже сопствените услови и да донесе соодветна одлука“, рече Харази, цитиран од иранската студентска агенција ИСНА.

Техеран, 27 март 2025 (МИА) - Советникот на иранскиот врховен верски лидер, Камал Харази, денеска изјави дека Техеран не ги затворил сите врати за можноста за решавање на сите спорови со САД и е подготвен за индиректни преговори со Вашингтон, пренесоа британските медиуми.
Техеран досега ги отфрли предупредувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека мора да постигне договор или да се соочи со воени последици.
Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи ја нарече пораката на Трамп погрешна, а министерот за надворешни работи Абас Арагчи рече дека разговорите се невозможни доколку Вашингтон не ја промени својата политика за „максимален притисок“.
„Исламската Република не ги затвори сите врати. Таа е подготвена за индиректни разговори со САД за да ја процени позицијата на другата страна, да ги каже сопствените услови и да донесе соодветна одлука“, рече Харази, цитиран од иранската студентска агенција ИСНА.
Се очекува Иран наскоро да одговори на писмото на Трамп, а Арагчи минатата недела рече дека Техеран во својот одговор ќе ги земе предвид и заканите и можностите на Трамп.сд/
фото:МИА архива