• среда, 25 декември 2024

Ханија го осуди убиството на Ал-Арури: Тоа е терористички акт, стануваме се посилни и поодлучни

Ханија го осуди убиството на Ал-Арури: Тоа е терористички акт, стануваме се посилни и поодлучни

Бејрут, 3 јануари 2024 (МИА) – Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, синоќа изјави дека убиството на високиот функционер на Хамас, Салех ал-Арури во израелски напад врз Бејрут е „терористички чин“, повреда на либанскиот суверенитет и дополнително проширување на непријателството на Израел кон Палестинците.

Убиениот Ал-Арури беше висок функционер во Политбирото на Хамас, еден од основачите на неговото воено крило, Бригадите Ал Касам, кои извршија смртоносен напад на израелска територија на 7 октомври. 

САД минатата година понудија пет милиони долари за информации за него.

Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати, го осуди нападот како „ново израелско злосторство“ и кажа дека тоа е обид и Либан да се вовлече во војната.

Лидерот на Хамас, синоќа, по смртта на втората најважна политичка фигура во движењето, изјави дека неговото движење „никогаш нема да биде поразено“.

-Движењето чии водачи и основачи паднаа како маченици за достоинството на нашиот народ и нашата нација никогаш нема да биде поразено, рече Ханија во телевизиско обраќање. „Тоа е приказна за отпорот и движењето кое станува уште посилно и порешително по убиството на неговите лидери“, додаде тој.

Израелско беспилотно летало синоќа ја нападна канцеларијата на Хамас во Дахије, предградие на Бејрут и упориште на моќната вооружена група Хезболах, сојузник на Хамас, при што загинаа вкупно шест лица, јави либанската државна новинска агенција. Безбедносните извори и лекарите не можеа веднаш да ги идентификуваат преостанатите тројца загинати. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан