• понеделник, 16 декември 2024

Хала Томасдотир избрана за нова претседателка на Исланд

Хала Томасдотир избрана за нова претседателка на Исланд

Рејкјавик, 2 јуни 2024 (МИА) – Претприемачката Хала Томасдотир денеска беше избрана за нов претседател на Исланд, според конечните резултати од изборите на кои нејзината ривалка, поранешната премиерка Катрин Јакобсдотир го призна поразот.

Катрин Јакобсдотир (48) денеска и честиташе на својата противкандидатка и победничка Хала Томасдотир (55), која освои 34,3 отсто од гласовите.

Поранешната премиерка освои 25,5 отсто од гласовите. Во април таа поднесе оставка како премиерка на лево-десната влада за да се кандидира за претседателка.

Резултатите и даваат на Хала Томасдотир, која беше втора на претседателските избори во 2016 година, посилна поддршка отколку што очекуваа анкетите пред гласањето.

Медиумите ја опишуваат како бизнисменка која била една од основачите на Универзитетот во Рејкјавик, а сега се занимава со инвестиции.

Таа ќе биде втора жена претседателка на Исланд. Вигдис Финбогадотир стана првата демократски избрана жена за шеф на државата во 1980 година.

Претседателот има главно почесна функција во Исланд која е парламентарна република, но тој е гарант за почитување на Уставот и националното единство.

Претседателот има право на вето на текстовите во парламентот и може да распише референдум.

Во Исланд, земја со 380.000 жители, претседателските кандидати традиционално се кандидираат како независни, без партиска припадност.

Може да се кандидира секој граѓанин што ќе собере 1.500 потписи.

Новата претседателка на 1 август ја презема функцијата од многу популарниот Гудни Јоханесон, кој ја извршуваше функцијата од 2016 година и не се кандидираше за уште еден мандат. јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан