• понеделник, 23 декември 2024

ФУЕН изгласа резолуција поднесена од Македонско друштво “Илинден”-Тирана 

ФУЕН изгласа резолуција поднесена од Македонско друштво “Илинден”-Тирана 

Дебар, 22 септември 2024 (МИА) - Федералната унија на европските националности, ФУЕН на 68-от Конгрес што се одржуваше во Хусум, Германија, едногласно усвои резолуција поднесена од Македонско друштво “Илинден”-Тирана.

На Конгресот присуствувале претставници од 105 организации-членки од 36 земји во Европа.

Според претседателот на друштвото, Никола Ѓррѓај, во усвоената Резолуција меѓу другото стои дека МД “Илинден“-Тирана и македонско национално малциство во Република Албанија бара од Владата на оваа земја, досегашното тело Комитетот за национални малцинства од консултативно тело на Владата да прерасне во Агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија.

- Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската Влада со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко влијание, што резултира со негова целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата, рече Ѓурѓај за МИА.

Затоа, додава, сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Република Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна во медиумите во државата.

- ФУЕН ја повикува владата на Република Албанија да преземе активности за промена на сегашниот Комитет на националните малцинства од консултативно тело во независна Агенција на националните малцинства која ќе има посериозни и обврзувачки надлежности за ги афирмира националните малцинства во Република Албанија, посочи тој.

Резолуција, Федералната унија на европските националности (ФУЕН) ќе ја достави до Владата на Република Албанија, шефот на државата, парламентот, комитетот за национални малцинства, комесарот за дискриминација, амбасади и меѓународните институции.

Друштвото ”Илинден” од 16 мај 2015 е рамноправна членка на  ФУЕН и стана прво друштво на Македонци надвор од матичната држава, во Европа, со право на глас. вт/аа/

Фото: МД "Илинден"

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан