• среда, 27 ноември 2024

„Фридом Хаус“: Северна Македонија со најголем раст на индексот на слободата во Европа

„Фридом Хаус“: Северна Македонија со најголем раст на индексот на слободата во Европа
Скопје, 3 март 2021 (МИА) - Северна Македонија во најновиот извештај на „Фридом Хаус“ насловен „Слободата во светот 2021“, има годишен индекс на слободата од 66 од можни сто поени, што е за три поени повеќе од лани и е рангирана меѓу петте држави со најголем раст на идексот во светот и со највисок скок во Европа. Со оценката 66, Северна Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави, во која, меѓу останатите, се наоѓаат и сите земји од Западниот Балкан, како и Унгарија, Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија, Индија и Мексико. Во однос на политичките слободи земјава има индекс 27 од можни 40 поени, а во однос на граѓанските слободи 39 од можни 60 поени. Во извештајот се посочува дека реизбраната Влада на премиерот Зоран Заев направила пресврт во однос на повеќегодишното претходно уназадување на демократијата во земјата, при што се наведуваат позитивните оценки дадени од ЕУ за реформите во правосудството, како и дека е потребно да продолжи користењето на законските можности за зајакнување на независноста на судиите. - Реформската влада на Северна Македонија беше реизбрана и нејзините институции во голема мера се справија со штетите нанесени од поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, се посочува во извештајот. Фридам Хаус нотира напредок во поддршката на граѓанското општество и констатира дека работата на невладините организации е слободнa и безбеднa за разлика од периодот до 2017 година. Во извештајот е посочено и дека расте бројот на критички и независни медиуми, особено на онлајн платформите, но се наведува и дека новинарите работат во услови на политички притисок, дека медиумскиот простор во земјата е поларизиран, како и дека дел од приватните медиуми се поврзани со центри на политички и бизнис интереси. - Новоизбраната Влада на премиерот Зоран Заев го смени долгогодишното демократско назадување, но на земјата и понатаму и е ускратува шансата да стане членка на Европската унија, се додава во извештајот, во кој се нотира дека земјата и покрај позитивни оценки и препораки од европските институции се уште не ги почна преговорите за членство во ЕУ. Како еден од клучните настани во земјата во 2020 година во извештајот се посочени парламентарните избори во јули, кои, како што се наведува, донесоа тесна победа на владејачкиот СДСМ) пред опозициската ВМРО – ДПМНЕ. - Изборите беа конкурентни, веродостојни и се одвиваа без поголем инцидент, а СДСМ наскоро формираше владина коалиција со помали партии, се наведува во документот. Меѓу клучните настани се издвоен и усвојувањето на новиот закон за јавно обвинителство, кој „беше дел од тековната цел на реформите насочени кон старт преговорите за членство во ЕУ, како и одлуката на Унијата за почеток на пристапните преговори. - Во октомври, ЕУ сигнализираше дека е подготвена да ги започне пристапните преговори пред крајот на годината. Во ноември, бугарската влада го блокираше почетокот на разговорите, се додава во извештајот. Дел е посветен и на справувањето со корона кризата, при што се посочува дека властите усвоија различни мерки за ограничување на движењето и други активности како одговор на пандемијата со Ковид-19, а кон крајот на годината беше воведена вонредна состојба. - Прекршителите на мерките се казнуваат парично, но не беа предмет на насилство или други форми на несоодветно постапување. Според Институтот за јавно здравје, до средината на декември во земјата биле потврдени 75.500 случаи на Ковид-19, се наведува во извештајот. сп/ац/

Остани поврзан