• сабота, 23 ноември 2024

Фредериксен: Треба да му се дозволи на Киев да користи западно оружје за напади во Русија

Фредериксен: Треба да му се дозволи на Киев да користи западно оружје за напади во Русија

Копенхаген, 23 септември 2024 (МИА) - Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, денеска ги повика државите-сојузници на Украина да му дозволат на Киев да користи западно оружје за напади на руска територија.

„Предлагам да ги прекинеме дискусиите за црвените линии. Најважната црвена линија беше помината кога Русите влегоа во Украина. Јас нема да ја прифатам оваа премиса и не можам да прифатам некој од Русија да одлучува што е правилно во НАТО, Европа или Украина“, рече Фредериксен во интервју за Блумберг.

Таа оцени дека сојузниците на Украина згрешиле кога ги „измиле рацете“ од нападите со украински беспилотни летала кои погодиле цели во Русија.

Според неа, ова и дало на Москва „многу силна карта“.

Земјите кои испраќаат оружје во Украина за војна против Русија, пред сè САД, поставија ограничувања за употребата на ова оружје, стравувајќи дека неговата употреба на руска територија ќе доведе до директен конфликт меѓу НАТО и Русија.

Минатата недела, генералниот секретар на Алијансата во заминување, Јенс Столтенберг, рече дека НАТО нема да стане дел од конфликтот доколку земјите-членки дозволат Украина да изврши напади со оружје што го добила од Запад на руска територија и дека Западот не треба да се плаши да ги премине „црвените линии“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Столтенберг го кажал тоа затоа што наскоро ја напушта функцијата. „Тој е човек кој заминува, наскоро ќе престане да работи таму. Но, за жал, мислам дека неговиот став го делат многу луѓе во Европа. Слушнавме многу гневни зборови од Европа, дека, велат, не треба да се плашете ниту од Русија ниту од (рускиот претседател Владимир) Путин, дека нема потреба да ги сфаќате сериозно“, рече Песков и додаде дека има уште „трезвени глави“ кои внимателно ги анализираат зборовите на Путин и разбираат што тие навистина значат. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан