• петок, 22 ноември 2024

Француска вечер на „Охридско лето“ со солистичкиот концерт на харфистката Елоиз Карлеан-Џонс

Француска вечер на „Охридско лето“ со солистичкиот концерт на харфистката Елоиз Карлеан-Џонс
Охрид, 31 јули 2021 (МИА) – После вчерашниот концерт насловен како италијанска вечер со уметниците Фантони и Мартано од Италија, програмата на „Охридско лето“ продолжува во француската вечер и солистичкиот концерт на младата харфистка Елоиз Карлеан-Џонс. Високо оценета од музичката критика за „јасноста и умешноста на звукот“, Елоиз Карлеан-Џонс е уметничка која настапува како солист, камерен и оркестарски музичар. Карлеан-Џонс се закитува со златен медал на четвртиот Менхетен натпревар за харфисти во 2019 година и настапува ширум светот од Карнеги Хол до салата на Виенскиот „Концертхаус“. Како камерен музичар настапува на фестивалите во Аспен и Тангелвуд, а како член на оркестар свири со Бостонскиот симфониски оркестар и со оркестарот во Филаделфија. Во 2020 година е примена да биде харфистка на Оркестарот на гардата во Париз. Нејзиниот репертоар се протега преку неколку музички епохи, и таа покрај музиката на барокните мајстори често изведува и дела од современи композитори. Нејзините внимателно одбрани програми ја привлекуваат публиката, а таа настојува да ја ангажира преку вешто направени аранжмани на популарна или фолк музика со што директно го проширува репертоарот за овој инструмент. Елоиз е магистрант на Музичката академија на универзитетот „Јеил“ , а дипломира на „Кертис“ институтот за музика здобивајќи се со диплома за музичка изведба и диплома за историски практики на интерпретација. Концертот е од 21 часот во катедралната црква „Света Софија“. аб/ац/

Остани поврзан