• понеделник, 23 декември 2024

Француска вечер на „Охридско лето“ со пијанистката Софија Вајан

Француска вечер на „Охридско лето“ со пијанистката Софија Вајан

Охрид, 16 август 2024 (МИА) – Француската вечер на „Охридско лето“ на вљубениците во класичната музика ќе им понуди несекојдневно естетско доживување со концертот на уметничката на пијаното Софија Вајан.

Софија Вајан е пијанистка со богато минато. Започнува да учи пијано  во класата на Женевјев Ибанез, дипломира со највисоки оценки во класата на Пјер Понтие на Конзерваториумот во Лион, и продолжува да се усовршува на високата школа за музика „Гилхол“ во Лондон каде магистрира во класата на Пол Берковиц, ученик на легендарниот Рудолф Серкин. Студиите ја водат и во центарот „Банф“ во Канада, како и на универзитетот Стони-Брук во САД.

Учествува на семинари предводени од Ѓерги Себок, Бернард Гринхаус, Жан-Клод Пенетје, Александар Волков и др. Носителка е на награди и признанија на неколку меѓународни натпревари.

Репертоарот на оваа пијанистка е широк и содржи дела од барокниот период, па сè до дела на современи композитори (со особен акцент на новата француска композиторска школа). Фасцинирана од танго музиката, таа долго настапува со оркестарот на Хуан Седрон, но и во други групи кои ја изведуваат оваа музика. Во 2013 година ги започнува докторските студии на Универзитетот во Париз „Сен Дени“ со тема посветена на музичката интерпретација на дела за пијано и електроника.

Настапува како солист и камерен музичар во „Концертгебау“ во Амстердам,  во Париз, Украина, Италија, Германија, Унгарија, Венецуела и САД. Таа е и уметнички раководител на фестивал во Северна Франција, претседател е на организацијата „Жени во музиката“ и предава на Конзерваториумот „Фредерик Шопен“ во Париз.

За француската вечер резервирана е сцената на Катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се избрани дела за пијано на К. Шуман, Моцарт, Лист, Дебиси, Рамо, Шопен. аб/са/

Фото: Охридско лето

Остани поврзан