• сабота, 20 јули 2024

Форум „70 години од Хашката конвенција од 1954 година“

Форум „70 години од Хашката конвенција од 1954 година“

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) - Во ЈУ Музеј на град Скопје денеска ќе се оддржи Форум насловен како „70 години од Хашката конвенција од 1954 година“ во организација на Македонскиот национален комитет на Синиот штит, а во соработка со Музејот на град Скопје и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија.

-Оваа година Синиот штит, ја одбележува 70 – годишнината од конвенцијата за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир. Конвенцијата била усвоена во Хаг, на 14 мај 1954 година, на Меѓународната конференција за заштита на културните добра во случај на вооружен судир, а во организација на УНЕСКО и Кралството Холандија и во присуство на 56 од вкупно поканети 86 земји членки на УНЕСКО, меѓу кои и тогашната ФНРЈ. На таа конференција биле усвоени вкупно 7 акти, од кои 3 правни и 4 политички, и тоа: Конвенција за заштита на културните добра во случај на вооружен судир; Правилник за извршување на Конвенцијата; Протокол за заштита на културните добра во случај на вооружен судир; 3 резолуции (Резолуција I, II и III) и Финален акт, велат организиаторите. 

Меѓународната Хашка конференција, додаваат, следела по девастирачките состојби на културното наследство по светските војни во 20. век и нејзиниот исход, бездруго, претставуваат значаен историски исчекор. Имено, тогаш првпат, на меѓународно рамниште во светски размери, предмет на внимание била самата хуманитарна заштита на културните добра, сфатена, издвоена и третирана како посебно тематско подрачје.

-Движењето на Синиот штит ги има своите основи во Хашката конвенција од 1954 година, која предвидуваше специјализирана групација на луѓе кој би се залагале и дејствувале за заштита на културните добра –своевиден Црвен крст за културното наследство. Синиот штит како организација беше основана во 1996 година и беше призната во меѓународното право во Вториот протокол од Хашката конвенција како еминентна професионална организација за советување за заштита на културните добра во вооружени конфликти. Во тој правец наша основна задача и обврска е да ја потенцираме важноста и законските обврски кои произлегуваат од Хашката конвенција од 1954 година и нејзиниот Втор протокол од 1999 заради заштитата на културното наследство од секаков вид конфликти и катастрофи, се вели во соопштението. 

Во него се додава дека оваа година Македонскиот национален комитет на Синиот штит организира одбележување на 70 години од Хашката конвенција од 1954 година, преку воспоставување на соработка со силите за одбрана и безбедност, со цел остварување на дијалог и размена на идеи и планови за правилно имплементирање на обврските од Хашката конвеција, во правец на заштита на нашето културно наследство.

Ова одбележување, во форма на Форум, ќе биде реализирано во соработка со Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија. сст/аа/

фото Син штит

Остани поврзан