• сабота, 23 ноември 2024

Форум за образовни промени: Институциите да преземат мерки за бројните законски прекршувања на Универзитетот во Тетово

Форум за образовни промени: Институциите да преземат мерки за бројните законски прекршувања на Универзитетот во Тетово

Тетово, 8 октомври 2024 (МИА) - Невладината организација Форум за образовни промени денеска во Тетово одржа прес-конференција на која извршниот директор Бленди Ходаи посочи дека Државниот просветен инспекторат ги потврдил нивните укажувања дека изминативе години на Универзитетот во Тетово има правни, законски, академски, човечки и морални прекршувања.

- Прекршувањата не се толку трагични, колку што се заштитата и континуираното унапредување на прекршувачите, правејќи го Универзитетот во Тетово безбедно засолниште за сите оние на кои полесно им е да ја предадат душата отколку ректорската фотелја, за оние кои иако неуки – си го исполнуваат сонот да напредуваат по секоја цена, кршејќи го секој професионален и човечки принцип. Иако Државниот просветен инспекторат одби да ни го испрати, ние се потрудивме и го обезбедивме извештајот од последната инспекција бидејќи овие случаи не можат едноставно да останат само на хартија. Меѓу констатираните прекршоци, се наоѓа следново: Мерита Мустафаи, моментално асистент на Факултетот за применети науки, која во јавноста е позната поради нејзините раководни државни позиции, на Универзитетот во Тетово незаконски е унапредена во академско звање асистент, со просечен просек на прв циклус студии 7,7 - што е во спротивност со Законот за високо образование, рече Ходаи.

За поранешниот ректор и во моментов претседател на Сенатот, Вулнет Амети, Ходаи посочи дека пред истекот на вториот ректорски мандат во 2021 година, не ги започна процедурите за избор на нов ректор, со што, рече, „се создаде хаотична ситуација, оставајќи го Универзитетот без ректор 5 месеци и 9 дена, спротивно на Законот за високо образование“.

-И покрај тоа што законот го ограничува на максимум шест месеци, Универзитетот во Тетово речиси една година, од 2021 до 2022 година, функционирал со в.д ректор. Ниту Решат Ќаили, ниту Куштрим Ахмети, ниту Вулнет Амети не постапиле согласно законот односно ниту еден од нив не го објавил конкурсот за ректор во рок од 30 дена, истакна Ходаи.

Тие тврдат дека избраниот в.д ректор бил со академско звање вонреден професор, што е во спротивност со Законот за високо образование.

- Во 2023 година, Универзитетот во Тетово по реакциите на Форумот за образовни промени, го поништи незаконскиот конкурс за ректор. Но, инспекторатот констатирал дека тоа не е правилно спроведено, конкурсот бил поништен, но не и другите акти кои биле поврзани со тој незаконски конкурс. Најважно тело во еден универзитет е Сенатот – дури и во ова тело во рамките на Универзитетот во Тетово е утврдено дека имало избори на членови во незаконска форма, со избор на нови членови пред истекот на мандатот на претходните сенатори. Така, речиси 11 месеци универзитетот работел со членови на Сенатот без верификуван мандат. Исто така, во периодот 2021-2022 година, шест факултети избраа нови сенатори пред истекот на мандатот на претходните сенатори, што е спротивно на Статутот, посочи Ходаи.

Тие упатија барања до надлежните институции да преземат мерки и истражни дејствија, затоа што ценат дека сите прекршувања се со иста норма.

- Наместо состаноците кои МОН ги одржува со овие прекршители, итно бараме да се преземе нешто околу незаконското академско звање на Мерита Мустафа, да се започне процедура за укинување на одлуките на Сенатот составен од членови без верификуван мандат, обвинителството да започне истрага во целост за констатираните прекршоци доколку постојат елементи за сторено кривично дело злоупотреба на службената должност, и МОН ги потсетуваме на нашиот предлог за ветинг во високото образование, ако уште се заинтересирани да го вратат интегритетот во високото образование, посочи Бленди Ходаи. ас/хс/


Фото: МИА 

Остани поврзан