• сабота, 23 ноември 2024

Формирано Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство

Формирано Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство
Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија на денешната 68-ма седница донесе одлука за формирање Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал 2020, одложено од минатата година, а кое ќе се одржи годинава. Координативното тело има за цел да ја помогне организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на фудбалската репрезентација на Северна Македонија на ова европско натпреварување, соопшти владината прес-служба. Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот и состојбата на воздухопловите Ер Трактор - Фајр Бос АТ-802А на Дирекцијата за заштита и спасување, ја задолжи Дирекцијата да продолжи со постапката за годишно сервисирање на воздухопловите и донесе заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони. Владата ја разгледа и усвои Информацијата и го прифати усогласениот текст на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Договорот за грант во висина од 8.258.792 американски долари е наменет за зајакнување на економска конкурентност, на проекти за зголемен придонес на младите во општеството, како и за проекти за сузбивање на корупција преку зголемена отчетност на јавниот сектор и со зајакнување на културата на отчетност кај граѓаните. На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за градежно земјиште. Со новото предложено решение им се овозможува на компаниите погодени од кризата произлезена од заразната болест КОВИД-19 ослободување од договорните обврски/казни (плаќање пенали) за договорите за отуѓување или давање под долготраен закуп по пат на јавно наддавање и анексите потпишани со единиците на локалната самоуправа заради објективна спреченост да ги реализираат градежните активности. На 68-та седница Владата го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за одбрана на Република Чешка и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за техничка соработка за работи поврзани со ремонтот на транспортните хеликоптери со кои располагаат двете министерства и на кои во наредниот период треба да се изврши сервисирање, односно ремонт.са/

Остани поврзан