• среда, 27 ноември 2024

Формирани две комисии за процена на штетите од невремето во Прилепско, веќе има над 100 барања

Формирани две комисии за процена на штетите од невремето во Прилепско, веќе има над 100 барања
Прилеп, 24 јуни 2021 (МИА) - Преку 100 барања на земјоделците за процена на штети од невремето што го зафати Прилепско, попладнето на 21 јуни, веќе се поднесени до општинската комисија за елементарни непогоди. Советот денеска на итна седница ги формираше двете комисии што од понеделник ќе излезат на теренот за да ја извршат процената. Барањата земјоделците може да ги поднесуваат до идниот петок, 2 јули. Според Зоран Пачешкоски, претседател на една од двете новоформирани комисии, воедно и раководител на подрачната единица за земјоделство, најмногу штети се пријавуваат на градинарски култура, на житарки и на тутунот. -Веќе пристигнаа преку 100 барања на земјоделците за процена кои претрпија штети. Невремето ги зафати населените места Тополчани, Чепигово, Тројкрсти, Алинци, Канатларци, Ерековци и Клепач. Се пријавуваат штети на градинарски култури, на жито, на површините засадени со тутун. Невремето на 21 јуни беше проследено со силен дожд и ветер и со град. Земјоделците имаат можност до 2 јули, идниот петок да ги доставуваат барањата. Комисиите од понеделник на теренот ќе ги вршат процените, рече Пачешкоски. Како што информира Пачешкоски, за невремето што го зафати прилепско во 2018 и 2019 година, досега на земјоделците им се исплатени над еден милион евра за надомест на штетите. - Остануваат за исплата уште две помали штети во Тополчани и во Мало и Големо Коњари во висина од околу 40 000 евра кои набрзо ќе се исплатат откако ќе се отстранат недоследностите. Апелираме до земјоделците, штетите да ги пријавувата реално, за да може да бидат обештетени сите што петрпеа уништување на родот, вели Пачешкоски. И општина Крушево ги повика земјоделците да пријавуваат штети од невремето на 21 јуни. ем/аа/

Остани поврзан