• сабота, 23 ноември 2024

Фон дер Лајен: Трансформациите треба да бидат фер и да обезбедат просперитет за сите во Европа 

Фон дер Лајен: Трансформациите треба да бидат фер и да обезбедат просперитет за сите во Европа 

Брисел, 9 септември 2024 (МИА) - Единствениот начин да се обезбеди долгорочна конкурентност на ЕУ е таа да се оттргне од фосилните горива и да се насочи кон чиста, конкурентна и циркуларна економија, но тие напори мора да одат паралелно со зголемување на просперитет за сите во Европа, порача денеска претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

- Сите трансформации што ќе ги поттикнеме мора да бидат фер. Можеме да го надградиме нашиот многу успешен социјален модел - социјалната пазарна економија, истакна Фон дер Лајен при приемот на Извештајот за перспективите на конкурентноста на Европската унија, подготвен од поранешниот италијански премиер и екс-претседател на Европската централна банка, Марио Драги. 

Според Фон дер Лајен, овој извештај „ќе ја инспирира“ работата на Европската комисија во следните месеци и години, при што таа ќе мора да се фокусира на три клучни работи. 

- Прво, за да бидеме конкурентни, треба да ја спроведеме чистата и дигитална транзиција. Ние, како што знаете, ја поставивме основата за оваа чиста и дигитална транзиција во мојот прв мандат. Сега е време таа да се реализира, истакна Фон дер Лајен.  

Според неа, ЕУ мора да ја поддржи европската индустрија во процесот на декарбонизација преку поттикнување иновации, со што тој би се искористил како конкурентна предност.  

- Затоа треба да дејствуваме со сите главни лостови што ни се на располагање - намалување на цените на енергијата, мобилизирање на јавни и приватни инвестиции, подобрување на деловното опкружување и намалување на непотребната бирократија, изјави претседателката на ЕК. 

Втора клучна работа на ЕУ, според Фон дер Лајен, треба да биде зајакнување на инвестициите во стручното оспособување, со што на пазарот на труд ќе има повеќе луѓе обучени со вештини потребни за спроведување на чистата и дигитална транзиција. 

- Ни треба зголемување на вештините, бидејќи технологиите се исто толку добри колку и луѓето кои ги дизајнираат, произведуваат и секако кои управуваат со нив, потенцира Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека третата работа е засилување на одржливоста, обезбедување пристап до критичните суровини и основните компоненти и гарантирање на сигурноста во снабдувањето со енергија и на дигиталните мрежи. 

- Но, тоа секако не е крајот на патот, заклучи Фон дер Лајен, додавајќи дека во ЕУ постои широк консензус дека обезбедувањето на конкурентноста мора да биде на врвот на европската агенда и во сржта на дејствувањето на институциите на Унијата. 

Пред една година Европската комисија побара од Драги да подготви извештај за иднината на конкурентноста на Европа, заедно со препораки за справување со економските предизвици со кои се соочува ЕУ и за обезбедување нејзина посилна позиција во светот во услови на засилена економска конкуренција. сп/ 

Фото: Скриншот 

Остани поврзан