• недела, 28 јули 2024

Фолклорната група ,,Копачка" со Јавен повик за обновување на своето членство

Фолклорната група ,,Копачка

Делчево, 25 октомври 2023 (МИА) – Здружението фолклорна група „Копачка“ с. Драмче, Делчево објави Јавен повик за обновување на своето членство со инструменталисти на изворни инструменти, пејачи на изворен фолклор и игроорци.

Повикот како што стои во објавата на фолклорната група, важи за кандидати од 12 до 77 години старост и од двата пола.

- Ве охрабруваме да се пријавите и со своите квалитети да придонесете во негувањето на пијанечкиот фолклор а со тоа и за одржливоста на орото „Копачката“ во УНЕСКО, Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото и да станете носители-практичари, стои во Јавниот повик на „Копачка“.

Приемот на новите кандидати до пополнување на бројот, како што додадоа од ЗФГ „Копачка“, ќе се врши секој четврток во киносалата во Делчево со почеток од 17-18,30 часот.

- Со ова ќе направите нешто повеќе за себе, со поминување на прекрасни мигови на дружење, веселење, стекнување на нови и трајни пријателства, запознавање на нови места и градови во земјата и странство, духовни светилишта и други убавини …

За подетални информации јавете се на тел. 070 917 038, додаваат од ЗФГ „Копачка“, с. Драмче, Делчево.

Во меѓувреме фолклорната група „Копачка“ се подготвува за централниот настан од одбележувањето на јубилејот „75 години ФГ Копачка“ кој започна минатата недела, а ќе заврши во месец ноември со низа настани посветени на јубилејот на фолклорната група. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан