• сабота, 23 ноември 2024

Флик: Имаме прекрасни играчи, не сум далеку од Гвардиола и Кројф

Флик: Имаме прекрасни играчи, не сум далеку од Гвардиола и Кројф

Барселона, 25 јули 2024 (МИА) - Германецот Ханзи Флик и официјално беше претставен како нов тренер на Барселона на официјална прес-конференција на која присуствуваше и претседателот на клубот Жоан Лапорта.

Флик соопшти дека е среќен од првата минута како тренер на Каталонците.

- Пред да го потпишам договорот, вечеравме со претседателот и тој ми даде писмо преведено на германски, во кое имаше нешто што ме натера да почувствувам од почетокот дека ова е неверојатен клуб, многу голем, беа првите зборови на Германецот.

Изрази задоволство од првите недели на тренинг кампот со играчите од академијата и благодарен е за работата што ја завршиле тие играчи. 

- Работевме многу на тренинзите, имаме прекрасни млади играчи. Мораме да ја создадеме вистинската атмосфера за играчите, да можеме да ги развиеме и да ги однесеме на повисоко ниво. Има многу интересни играчи и ќе видиме како ќе се развиваат во блиска иднина. Не сум далеку од идејата со која Барса играше претходно и имаше успех со Кројф или Пеп Гвардиола. Мојата идеја е да имам активен тим кој сака да покаже што може со и без топка Не е важно дали играме 4-3-3 или 4-2-3-1. Сакам да играме убаво, технички. Во овој клуб секогаш мораме да се бориме за сите трофеи, порача Флик. 

Во однос на притисокот, Германецот истакна дека е тренер на Барса и знае што да очекува. 

- Резултатите се важни, но на крајот од денот мораме да одиграме добро, да дадеме се на теренот, добро да се подготвиме за натпреварите. Играчите мора да го покажат тоа на тренинг, да дадат 100 отсто, бидејќи ако тренираш на 60%, не можеш да играш на 100 отсто. Ќе се справам со притисокот, моето семејство ќе помогне во тоа, изјави 59-годишниот стручњак. дс

Фото: Фејсбук/Барселона

Остани поврзан