• сабота, 23 ноември 2024

Фирма за лифтови со фалсификувани документи и ИСО-сертификати добила околу 90 тендери, најмногу во јавни институции

Фирма за лифтови со фалсификувани документи и ИСО-сертификати добила околу 90 тендери, најмногу во јавни институции
Скопје, 15 март 2022 (МИА) - Фирма со фалсификувани документи, ИСО-сертификати и потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година има добиено најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои издвоиле буџетски средства. Ова е предмет што на денешната седница го образложи Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од каде ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување до Владата да ги известат сите надлежни органи во постапките за лифтови, доколку се појави таа фирма. Од ДКСК нагласуваат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека за овој случај ЈО ќе постапи експресно. Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои исто така работат на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, на тој начин што управителот на фирмата е вистински сопственик на двата други трговски субјекта. Како што појасни Георгиев, предметот во ДКСК е по пријава за наводи за сомнежи за користење фалсификувани ИСО-сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје. Георгиев одговарајќи на новинарски прашања појасни дека е направено истражување на податоците што веќе се достапни во Бирото за јавни набавки и економскиот оператор што конкурирал постои и е заведен во Централниот регистар, а од 2018 година досега според податоците од веб страницата на БЈН има добиено 90 тендери. - Фирмата што не постои, што ја нема во правниот промет е фактички фантом фирма, со свој домен, која всушност ги правела фалсификатите. Фирмата пак што постои ги користела сертификатите за да конкурира и да го добие тендерот. Затоа ние имаме основано сомнение дека можеби, а тоа треба да го утврди понатаму евентуално јавниот обвинител преку своите истраги, дали и овие други 90 тендери се добиени со истите фалсификувани сертификати, појасни Георгиев. Според него, за оваа фантомска фирма и физичко лице ДКСК нема податоци. Тој појасни дека таа фантом во дописите има некој домен што завршува на „ет џи-мејл“, постои некаде и на некоја адреса, меѓутоа ја нема заведено никаде во Централниот регистер. Хрватската компанија до која се обратиле од Антикорупција и е сертифицирана на меѓународно ниво од акредитација.хр ги информирала дека таква фирма не соработува со нив, иако фантомска фирма користи сертификати издадени од нив. Дури и самиот директор од хрватската компанија потврдил дека тоа не е неговиот потпис. - Ова се некои стари скенирани извадоци од некои нивни сертификати, само склопени и оваа фирма понатаму ги користела при пријавите на тендерите, рече Георгиев. На новинарско прашање дали директорот на хрватската фирма најавил дека ќе покрене некаква постапка, Георгиев информира дека според наводите на директорот, од 2014 година таа воопшто немаат контакти со земјава. Сепак, директорот на хрватската фирма посочил дека и други фирми од нашата држава прашувале за тоа дали тој е овластен за сертификатите. - Сето тоа наведува на друга постапка дека можеби и други фирми користат од овие сертификати фалсификувани од ова лице, бидејќи и други економски оператори од државава се интересирале околу тоа дали хрватската фирма ги издава сертификатите или се тоа фалсификат. Тој децидно вели дека тоа се, како што вели, фалсификати дури и на хрватски јазик се пишувани, што вика, не е тоа натив хрватски јазик и има многу грешки во самите текстови во сертификатите. Тој децидно вели дека тоа се фалсификати, изјави Георгиев од ДКСК. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, одговарајќи на новинарско прашање дали доколку до Антикорупција не пристигнала пријава фантомската фирма ќе продолжела со учество на тендери и каде е одговорноста кај институциите, потенцира дека институциите немаат обврска да ги проверуваат лиценците. - Наша препорака би била да си ги проверуваат лиценците за да не дојдат до вакви состојби, рече Ивановска. Според Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, се работи за класичен криминал и делување и доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни јавни субјекти, туку сигурно во станбени згради. Таа укажа дека таа група која функционирала ја знаела слабоста на актуелниот Закон. - Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање, потенцира таа. Катица Николовска, член на ДКСК, е загрижена од фактот што конечни корисници се државните институции и има дилема на кој начин Антикорупција може да ја запре оваа фирма да учествува во јавни набавки, со цел да не предизвикува натамошна штета и да се случи нешто со несакани последици. Георгиев појасни дека Градската општа болница објавила тендер, а Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО-сертификатите кај самиот издавач на сертификатите - фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована. - Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО-сертификати е направено така што физичко лице од земјава претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање. Овој трговски субјект нема евиденција во Централниот регистар во Република Северна Македонија. Ги прикачил лажните сертификати, како и фалсификувана потврда, за извршена сертификација од хрватската фирма, како и фалсификуван потпис од лице од Хрватска во својство на директор на фирмата за сертифицирање, појаснува Георгиев. Меѓу другите информации и контакти остварени од страна на Антикорупција, Георгиев остварил контакт и со директорот на хрватската фирма овластена за сертификати, од каде било потврдено дека сите ИСО-сертификати кои биле користени при учеството на тендерот објавен од Општата градска болница, се фалсификувани. Бил наведен и податок дека и други субјекти се пожалиле од таа фирма за акредитација од Хрватска оти такви сертификати биле повеќекратно употребувани од оваа фирма од нашата држава. Во текот на работата, истакна Георгиев, постои системска слабост во системот за јавни набавки, односно Комисијата за јавни набавки, бидејќи кој било државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста односно валидноста на ИСО-сертификатите. Тој смета дека токму оваа слабост била искористена од страна на оваа фирма. цр/сп/

Остани поврзан