Фински суд го одби барањето за ослободување на танкер, за кој се верува дека оштетил далновод
- Фински суд го отфрли барањето за ослободување на танкер со нафта за кој полицијата се сомнева дека оштетил далновод и четири телекомуникациски кабли во Балтичкото Море минатата недела.
Хелсинки, 3 јануари 2025 (МИА) - Фински суд го отфрли барањето за ослободување на танкер со нафта за кој полицијата се сомнева дека оштетил далновод и четири телекомуникациски кабли во Балтичкото Море минатата недела.
Подводниот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија беше оштетен на 25 декември заедно со четири телекомуникациски кабли, а финските власти веќе следниот ден се качиле на танкерот поради сомневање дека штетата е предизвикана додека бродот влечел сидро по морското дно.
Инцидентот беше еден од неколкуте од 2022 година во кој подводната клучна инфраструктура во Балтичкото Море претрпе штета.
Балтичките земји се во состојба на готовност, а НАТО најави дека ќе го зголеми присуството во Балтичкото Море.
Во тек се неколку полициски истраги, но ниту еден осомничен не е изведен пред суд. ссм/
фото: архива