• четврток, 26 декември 2024

Филмот „Киука - Пред летото да заврши“ ќе има светска премиера на програмата ACID на Канскиот фестивал

Филмот „Киука - Пред летото да заврши“  ќе има светска премиера на програмата  ACID на Канскиот фестивал

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Филмот „Киука - Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија,  светска премиера ќе има на 15 мај на Канскиот филмски фестивал, на отворањето на фестивалската програма  ACID што ќе трае до 24 мај. 

Како што соопшти Агецијата за филм на Република Северна Македонија која го поддржа снимањето на филмот, Лист Продукција е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.

-„Киука - Пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство кое, како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе отпочне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина, соопшти Агенцијата.

Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека постпродукцијата се работеше на релација Атина - Скопје.

Главните улоги ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду. Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција Аудио Хаус и Слобода филм.

Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema - Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал годинава ќе го има 32-то издание кое ќе биде отворено токму со овој филм.  Оваа програма е креирана во 1993 година и прикажува девет  долгометражни филмови, фикција и документарци.

-Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата, се наведува во соопштението. хс/лв/

Фото: Агеција за филм на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан