• среда, 27 ноември 2024

Филипче: Препорака за трета доза вакцина за граѓаните над 60 години, за здравствените работници и пациентите со имунокомпромитирана состојба

Филипче: Препорака за трета доза вакцина за граѓаните над 60 години, за здравствените работници и пациентите со имунокомпромитирана состојба
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Трета доза вакцина се препорачува да примат сите граѓани на возраст над 60 години, сите здравствени работници без оглед на возраста и сите пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба без оглед на возраста. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа се новите препораки на Комитетот за имунизација со чии членови вчера одржал состаноци. Согласно сознанијата кои ги имаме досега, посочи министерот, таа трета доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“. Потенцира дека ќе следат понатаму дали ќе има други препораки за вакцини од други производители. - Сите граѓаните кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат на СМС порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина. Нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина. Даваме препорака врз основа на искуства од други земји и меѓународни институции кои се тие категории граѓани кои треба да се вакцинираат. Значи сите граѓани без разлика на тоа со која вакцина се иницијално вакцинирани може да се вакцинираат со трета доза вакцина. Има вакцини доволно во кој било пункт. Овој процес ќе започне од понеделник поради тоа што некои работи да се спремат во електронскиот систем, појасни Филипче. Потенцира дека очекуваат овие денови и официјално Данска да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини од производителот „Џонсон“, вакцина која има рок до 2023 година. Тој најави дека следните денови детално ќе ја презентираат методологијата за скринингот за тестирање на учениците во основните и средните училишта. - Факт е дека има тука одредена трансмисија многу мала, меѓутоа сакаме да направиме скрининг на состојбата поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители, додаде Филипче. рп/ац/

Остани поврзан