• четврток, 26 декември 2024

Филиповски: 20 километри нови вело-патеки и спорт без ограничувања во Аеродром

Филиповски: 20 километри нови вело-патеки и спорт без ограничувања во Аеродром
Скопје, 2 октомври 2021 (МИА) - Во претстојните четири години ќе изградиме најмалку 20 километри нови вело-патеки по сервисните улици, кои ќе се надоврзуваат на велосипедските патеки во должина на булеварите. Дополнително, ќе продолжиме со субвенциите за купување на велосипеди, но и електрични тротинери, со цел поголема мобилност на нашите сограѓани, посочи Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ и коалицијата. Тој на денешната прес-конференција истакна дека урбанизацијата придонела за создавање и на други проблеми, во делот на екологијата, недостатокот на паркинг места, предучилишното и основното образование. - Затоа, при урбанистичкото планирање ќе имаме предвид за сите овие аспекти. Креирањето на подобра инфраструктура за возење на велосипед, значи и помал сообраќаен метеж, повеќе физичка активност и заштита на животната средина, рече Филиповски. Кандидатот за градоначалник посочи дека Аеродром ќе овозможи и „Спорт без ограничувања“. Тоа подразбира вклучување во спортските активности и на учениците со попреченост. Како што рече, преку програмата „Спорт за развој“, ќе се овозможи сите ученици од основните училишта преку физичките активности да учат и на вредности, да бидат потолерантни граѓани, да работат во тим, да ги прифаќаат различностите и да се развиваат во одговорни жители кои придонесуваат во својата заедница. Филиповски заедно со кандидатите за советници на СДСМ и коалицијата денеска ќе продолжи со средбите со граѓани, во реонот на Ново Лисиче, со цел презентација на програмата „Најдоброто за Аеродром“.бт/дма/

Остани поврзан