• понеделник, 23 декември 2024

Фидан: Решавањето на регионалните проблеми не треба да го очекуваме само од надворешни фактори, треба да се обидеме сами

Фидан: Решавањето на регионалните проблеми не треба да го очекуваме само од надворешни фактори, треба да се обидеме сами

Скопје, 5 септември 2024 (МИА) – Решавањето на регионалните проблеми не треба да го очекуваме само од надворешни фактори и од меѓународната заедница. Ние, како земји од регионот, треба да се обидеме сами да ги решаваме нашите проблеми. Да чекаме некој друг да дојде и да ни ги реши проблемите е полесниот начин, но така тие не се решаваат ниту на начин, ниту со темпото кое очекуваме, порача турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој се наоѓа во официјална посета на земјава. 

Прашан за отворените прашања на Балканот и каков е пристапот на Турција, Фидан рече дека, не само на Балканот, и низ останатите географски региони, Турција е особено чувствителна на темата „регионално присвојување“.  

-  Политичките проблеми со кои се соочуваме на Балканот, се проблеми кои се наследени од историјата и ние имаме единствен пат овие проблеми да ги решиме на мировен начин, со дијалог и да направиме се што е можно во таа насока. Во блиско минато имаме многу тажни примери, кога војната и конфликтите ни носат рушевини, изјави Фидан по средбата со неговиот домаќин Тимчо Муцунски.

Турција, нагласи Фидан, има активен пристап за решавање на проблемите на мировен начин и со дијалог, како во во Босна и Херцеговина, така и за процесот меѓу Белград и Приштина. 

-  Ги поддржуваме и меѓународните иницијативи, а исто така, цело време се заложуваме и во насока што би можеле ние да направиме. Го поддржуваме процесот меѓу Белград и Приштина, и за средбите и активностите кои не се обзнаени во медиумите, ги поддржуваме и даваме максимален придонес. Но, би сакал да повторам. Имаме еден и единствен начин, на мирен начин, преку дијалог да се фокусираме на решавање на проблемите, бидејќи не треба ниту да помислуваме на конфликтите и  војната, изјави Фидан. 

Балканот во изминатите 20 години, на многу тажен начин имаше многу болни искуства, рече Фидан, нагласувајќи дека не треба да мислиме само за лични придобивки, туку да направиме системски пристап за голем раст и благосостојба на целиот регион.

-   Ако успееме во тоа ќе може идентитетските политики кои ни се наметнуваат од минатото и нивните деструктивни средби, мислам дека можеме да ги елиминираме и на тој начин сите народи од регионот, ќе може да ги зачуваат нивните идентитети, сите држави ќе го зачуваат својот суверенитет и територијалниот интегритет и ќе може да живееме во мир. Но, треба да бидеме доблесни, она што го сакаме за себе, во иста мера да го сакаме и за другиот. Кога ќе го постигнеме тоа ниво, верувам дека ќе се постигне мирот во регионот, изјави Фидан. аа/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан