ФИА потврди дека Мекларен не ги прекршил техничките правила на Формула 1
- Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) потврди дека тимот на Мекларен не ги прекршил техничките прописи на Формула 1 со користење на течност за ладење на гумите за време на Големата награда на Мајами.

Имола, 16 мај 2025 (МИА) - Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) потврди дека тимот на Мекларен не ги прекршил техничките прописи на Формула 1 со користење на течност за ладење на гумите за време на Големата награда на Мајами.
-По трката во Мајами, автомобилот со број 81 беше случајно избран од првите десет за подетален физички преглед. Предмет на прегледот беа компонентите на каросеријата околу тркалата. Беа извршени проверки на сите делови за да се обезбеди усогласеност со член 3.13 од техничките прописи, како и физички проверки на сите четири тркала за да се обезбеди усогласеност со член 11.5, се вели во соопштението на ФИА.
Оттаму потврдија дека сите проверени делови се во согласност со техничките прописи на Формула 1 за 2025 година.
Инаку, тркачкиот викенд на Формула 1 за Големата награда на Емилија Ромања започнува денес во Имола.
-Не мислам дека можеме да бидеме толку доминантни како што бевме во Мајами, каде поминавме многу добро. Нашето темпо таму беше изненадувачко, колку добри бевме во трката. Сега очекувам работите да се вратат како што беа порано, да бидеме пред конкуренцијата со мала разлика. Луѓето смислуваат секакви работи, но некои патеки ни одговараат подобро од другите. Тимот секогаш работи на подобрувања, изјави Ландо Норис, возач на Мекларен. дс
Фото: Архива