Фетаи: Борбата против корупцијата – клучен приоритет на патот кон ЕУ
- Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи денеска се обратил на презентацијата на Првото упатство за интегрирање на мерките против корупција во поглавјата и кластерите на преговорите со Европската унија.
Скопје, 19 декември 2024 (МИА) - Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи денеска се обратил на презентацијата на Првото упатство за интегрирање на мерките против корупција во поглавјата и кластерите на преговорите со Европската унија.
Овој проект, информираат од Кабинетот на Фетаи, поддржан од Владата на Шведска и имплементиран од страна на UNOPS, е важен чекор во напредокот на реформската агенда.
Фетаи истакнал дека борбата против корупцијата е врвен стратешки приоритет за Владата со фокус на зајакнување на механизмите за спречување и справување со неа на сите нивоа.
- Преку ова упатство, Владата има за цел зајакнување на институционалните капацитети за идентификување и справување со ризиците од корупција, создавање на модел на набљудувачки центар за следење на случаите на корупција, базиран на најдобрите практики на земјите-членки на ЕУ, изградба на унифициран пристап на Владата и стандардизирани мерки кои ќе ги зајакнат транспарентноста, интегритетот и отчетноста, се вели во соопштението.
Овие чекори, како што се додава, се од клучно значење за приближување на Северна Македонија до стандардите на ЕУ и за враќање на довербата на граѓаните во државните институции. сст/бак/
Фото: Кабинет на вицепремиерот Арбен Фетаи