• сабота, 21 февруари 2026

Фетаи: Албанскиот јазик истраен пред секој предизвик, повеќејазичниот соживот е вредност на нашето општество

Фетаи: Албанскиот јазик истраен пред секој предизвик, повеќејазичниот соживот е вредност на нашето општество

Скопје, 20 февруари 2026 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ја истакнал важноста на мајчиниот јазик како темел на културниот, институционалниот и општествениот идентитет ставајќи посебен акцент на правилната и јасна употреба на јазикот во администрацијата, образованието и медиумите.

Како што соопшти неговиот Кабинет, тој нагласил дека албанскиот јазик на овие простори поминал долг историски пат останувајќи жив и функционален и покрај предизвиците. Во таа насока, истакнал дека изработката и промоцијата на новиот речник претставуваат важен чекор кон стандардизација и усогласување на терминологијата во службените документи, учебниците и јавната комуникација.

- Нејасностите во терминологијата и во службените формулации често стануваат извор на недоразбирања, одолжување на постапките и разни толкувања. Затоа јазичната јасност не е само прашање на норма, туку и прашање на институционална функционалност и почит кон граѓанинот - истакнал заменик-претседателот на Владата, Фетаи.

Во време на непосредна комуникација и брзо ширење информации, додал тој, одговорноста за правилна и професионална употреба на јазикот е уште поголема, особено кај јавните институции и медиумите.

Во завршницата на својот говор заменик-претседателот на Владата изразил благодарност за трудот и ангажманот на професорите, истражувачите и експертите, кои придонеле во подготовката на новиот речник, изразувајќи уверување дека тој ќе стане секојдневна референца во институционалната, образовната и медиумската практика.

Фетаи рекол дека продолжува поддршката на иницијативи што го зајакнуваат правилното, еднакво и функционално користење на јазиците во Северна Македонија во согласност со законските стандарди и принципите на повеќејазичен соживот. ев/дма/

Фото: Кабинет на вицепремиерот Арбен Фетаи

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан