• вторник, 24 декември 2024

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ утре и задутре во Прилеп и на Рудина кај Долнени

Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ утре и задутре во Прилеп и на Рудина кај Долнени
Прилеп, 30 јуни 2022 (МИА) - Во Прилеп и на Рудина кај Долнени утре и задутре ќе се одржи 48. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 учесници од цела држава, изведувачи на изворниот мелос ќе настапат на двете фестивалски вечери, како и гости-изведувачи од Србија. Во прилепскиот ученичко-студентски дом „Орде Чопела“ во тек е 12 семинар за изучување на изворните инструмент, а предавачи се еминентни македонски етномузиколози. Фестивалот продолжува да го негува, да го одржува и да пренесува на новите генерации богатиот изворен македонски фолклор. Ова беше нагласено на денешната прес-конференција пред почетокот на Фестивалот. Според Родна Величковска, уметнички директор, Фестивалот ги исполнува целите за зачувување и негување на богатиот македонски фолклор - Овие фестивалски денови ќе имаме учесници од цела Македонија, па и гости од Србија. Поканети беа и од Бугарија и Грција, но поради некои протоколи не стигнаа.  Ни доаѓаат претежно млади групи, што многу не радува. Тука се и повозрасните иако, за жал, дел починаа во текот на пандемијата. Фестивалот продолжува да го негува богатиот македонски фолклор, а семинарот за изучување на народните инструменти го потврдува принципот дека се пренесува на новите генерации, рече Величковска. Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје вели дека годинава на Семинарот има талентирани млади изведувачи и семинарот е тематски. - Десетина млади го изучувата изворниот мелос. Годинава тематски се обработуваат културните карактеристики од Овче Поле. Младите се талентирани, а семинарот е по 12-ти пат, во рамките на Фестивалот. Се надеваме дека до година ќе имаме учесници од странство, рече Костов, кој е и член на Управниот одбор на Фестивалот. Во рамки на Фестивалот, кој е уникатен по чисто изворниот мелос, утре во 11 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи и симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“. На најдобрите изведувачи, по втората фестивалска вечер, задутре на Рудина кај Долнени ќе им бидат доделени статуетки, а најдобриот гајдаџија ќе ја понесе наградата - Гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени. ем/рп/

Остани поврзан