• сабота, 23 ноември 2024

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ и КЕЦ „Небрегово“ потпишаа декларација за соработка

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ и КЕЦ „Небрегово“ потпишаа декларација за соработка

Долнени, 6 јули 2024 (МИА) - Во рамките на 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржува во Прилеп и во Долнени, денеска во Спомен-куќата на Фестивалот во Долнени беше потпишана декларација за соработка насловена „Зборот на Конески, Гајдата на Пеце“. Декларацијата ја потпишаа Фестивалот и културниот и информативен центар „Небрегово“ како и манифестацијата „Зборот на Конески“. Декларацијата ја потпишаа претседателот на Фестивалот „Пеце Атанасовски“, Горан Василески, и претседателот на КЕЦ „Небрегово“, Живко Цветкоски.

Според секретарот на КЕЦ „Небрегово, Атанас Конески ова е значаен културен миг за две личности кои ја одбележале културната историја на Македонија.

- Великанот Блаже Конески и уметникот со универзални вредности, Пеце Атанасовски ги одбележаа културната историја, националниот самобит, постоењето и продолжувањето на она што го направиле нивните претходници, нашите предци. Ние сме нивни почитувачи и продолжувачи и за нас значат инспирација за далекусежни постигнувања на културен, национален, музички и духовен план, рече Атанас Конески.

Претседателот на Фестивалот „Пеце Атанасовски, Горан Василескиги нагласи честа, но и одговорноста за културната соработка на манифестациите.

- Огромна е честа што можеме овие два великани од Прилепско, Блаже Конески и Пеце Атанасовски, на некој начин да ги споиме со оваа декларација, нивните дела и нивното значење, рече Василески.

Декларацијата во пет точки ја прецизира соработката, меѓу кои и да ги чуваат и да ги продолжуваат македонскиот збор и македонското народно богатство, врежани во нашиот идентитет и континуитет и да ги едуцираат идните генерации.

Декларацијата ќе биде доставена до надлежните институции, Владата, Министерството за култура и туризам, министерството за локална самоуправа, до ЗЕЛС, локалните самоуправи на Прилеп и Долнени и ќе се бара поддршка за активностите. ем/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан