• сабота, 23 ноември 2024

Фајон се надева дека ќе остане шефица на словенечката дипломатија

Фајон се надева дека ќе остане шефица на словенечката дипломатија

Љубљана, 21 март 2024 (МИА) - Потпретседателката на Владата на Словенија и претседателка на Социјалдемократите (СД) во заминување, Тања Фајон изјави дека се надева дека и натаму ќе биде министер за надворешни работи на Словенија.

Фајон рече дека како претседателка на СД платила висока цена за аферата со купувањето на судската зграда во Љубљана, иако со таа приказна, според нејзините зборови, нема никаква врска. Затоа, наведува, не гледа причина да си замине од министерската функција.

„Се надевам дека ќе останам министер за надворешни работи, немам друга намера. И по неполни две години, мислам дека зацртавме добар пат и дека министерството работи добро“, рече Фајон.

Таа рече дека за тоа разговарала и со словенечкиот премиер Роберт Голоб.

„Денеска никој не ја условува и не ја доведува во прашање смената на нашиот министерски тим, мислам дека добро си ја врши работата. Признавам дека тоа беше тешка одлука за мене. Добра одлука донесов кога решив да одам на изборен конгрес. Сакам да дадам шанса откако бевме многу повредени со ова, така да се каже, несреќно купување на Палатата на правдата и аферата што следеше. Купувачот беше многу погоден, а јас лично плаќам висока цена. Мислам дека најтешкиот дел е зад нас. Но, навистина сакам да му дадам шанса на новиот претседател да здивне со ново раководство - можеби и јас преземам дел од одговорноста“, потенцира Фајон.

Таа истакна дека социјалдемократијата е дел од нејзиниот живот и дека ќе продолжи да и помага на новата генерација на раководството.

Фајон вчера изјави дека нема да се кандидира за реизбор на функцијата претседател на партијата Социјалдемократи (СД) и во јавното писмо порача дека ја напушта лидерската позиција во партијата. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан