• понеделник, 23 декември 2024

Фармацевтските компании го критикуваат Бајден

Фармацевтските компании го критикуваат Бајден
Лондон, 6 мај 2021 (МИА) – Фармацевтските компании соопштија дека поддршката на американскиот претседател Џо Бајден за укинување на патентот за вакцини против Ковид-19 може да го наруши кревкиот синџир на снабдување и оти наместо тоа богатите земји треба да бидат подарежливи и да ги поделат вакцините со земјите во развој. Бајден вчера поддржа укинување на патенти за вакцините што предизвика негодување од страна на фармацевтските компании. Доколку Светската трговска организација (СТО) го прифати предлогот, ќе се појават нови производители без потребно знаење и надзор на пронаоѓачите и можат да ги истиснат сигурните добавувачи, соопшти Меѓународната федерација на фармацевтски производители и асоцијации (ИФПМА). - Слушнав дека многу производители на вакцини велеле дека „нашите ресурси се растегнати, а нашите техничари исцрпени“, изјави генералниот директор на ИФПМА, Томас Куени. Тој предупреди на можен хаос доколку на „несоодветни компании“ им се дозволи да бидат вклучени. Компаниите кои развија вакцини против Ковид-19 исто така го критикуваа Бајден. - Патентите не се ограничувачки елемент за производство или снабдување на нашите вакцини. Тие нема да го зголемат глобалното производство и снабдување со дози на вакцини на краток и среден рок, соопшти германски Бионтек кој заедно со Фајзер создаде вакцина против Ковид-19 и планира да испорача до три милијарди дози оваа година. Бионтек наведе дека повеќе од една деценија развивал постапка за производство на вакцина и оти за нејзиното реплицирање е потребен, меѓу другото, искусен персонал и внимателен трансфер на технологија. јт/

Остани поврзан