• недела, 22 декември 2024

ФАРК ги прекина мировните преговори со колумбиската Влада

ФАРК ги прекина мировните преговори со колумбиската Влада

Богота, 6 ноември 2023 (МИА) - Главната фракција на отцепените Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) објави дека ги напушта мировните преговори, наведувајќи го како причина „непочитувањето“ на договорот од страна на владата, пренесуваат француските медиуми.

„Соопштуваме дека од денеска ги прекинуваме преговорите и го отфрламе дневниот ред договорен меѓу левичарската влада на Густаво Петро и групата, позната како ЕМС-ФАРК, која го отфрли историскиот договор од 2016 година....“ се наведува во соопштението.

Во текстот на групата не се прецизира природата на наводните прекршувања на договорот. Групата само соопшти дека „непочитувањето“ на државата е „целосно“ и дека владата „продолжува да ја поддржува милитаристичката визија“ со спроведување операции на територии каде што се присутни силите на ЕМС-ФАРК.

Разговорите насочени кон демобилизација на околу 3.500 бунтовници и конечно ставање крај на нивниот вооружен бунт почнаа кон средината на октомври во Тибу, на североистокот на земјата, област каде што се одгледуваат листовите кока, главната состојка на кокаинот. Тие беа одложени бидејќи сепаратистите, кои се сметаат за вистински наследници на ФАРК, во последните месеци значително ги зајакнаа своите операции против безбедносните сили во обид да ја подобрат нивната контрола врз областите на трговијата со дрога. Со официјалниот почеток на овие разговори почна тримесечен билатерален прекин на огнот, согласно указ издаден од Министерството за одбрана.

Според истото соопштение од ФАРК, се очекува прекинот на огнот и натаму да се почитува. 

Засега нема коментар од колумбиската Влада или од вооружените сили, пренесуваат француските медиуми. сд/

Остани поврзан